Рибиното масло – голема помош кај болните од рак

ribino maslo1

Пациентите кои боледуваат од малигни заболувања често мора да примаат хемотерапија. Бидејќи лековите кои се даваат при хемотерапијата (цитостатици) не делуваат селективно само на карциномските клетки, туку и на клетките на нормалните ткива и органи, тие може да дадат повеќе несакани ефекти.

Кај некои пациенти несаканите ефекти може да бидат поизразени. Несакани ефекти од хемотерапијата се: мачнина и гадење (наузеа), повраќање (вомитус), пролив (дијареа), болки, губиток на апетит, губиток на телесна тежина, општа слабост и малаксаност, замор, оштетување на коскената срцевина и пад на крвните клетки, промени во усната слузница, оштетувања на периферните нерви, алергиски реакции, опаѓање на косата (алопеција).

Болните од рак кои се лекуваат со хемотерапија можеби би можеле да го избегнат губитокот на мускулната маса и телесната тежина ако земаат додатоци со рибино масло, тврдат канадските научници.

До овој заклучок канадските истражувачи дошле спроведувајќи студија во која вклучиле пациенти кои биле на хемотерапија. Едната група на пациенти примала дневна доза од 2.2. грама додатоци со рибино масло во период од 10 недели, додека другата група не ги примала овие додатоци на исхраната.

Испитаниците кои не земале рибино масло изгубиле просечно нешто повеќе од 2.3 килограми, додека испитаниците кои земале додатоци со рибино масло воопшто не изгубиле во тежина. Исто така, испитаниците кои имале зголемена концентрацијата на EPA омега-3 масните киселини успеале да ја зголемат својата мускулна маса. Вкупно 70% од овие испитаници успеале да ја задржат истата количина на мускулна маса или да ја зголемат по примената на хемотерапијата. За споредба, помалку од 30% од испитаниците кои не земале додатоци на рибино масло ја задржале истата мускулната маса.

Истражувачите од Универзитетот во Алберта веруваат дека нивните резултати се ветувачки бидејќи моментално нема ефективен третман за неисхранетоста која се јавува за време на хемотерапискиот третман.

„Малнутрицијата (неисхранетост) е голем проблем кај пациентите кои примаат хемотерапија или зрачење. Првенствено, сам по себе, ракот ги слабее, поради тоа што е метаболно многу активен и ги троши енергетските резерви. Потоа, со хемотерапија се појавуваат воспаленија, кои може да ги оштетат срцето и мускулите, бидејќи може да предизвикаат разградување на мускулите. Зачувувањето на мускулната маса може да ги намали овие проблеми“, објаснила Dr. Lona Sandon, нутриционист од Универзитетот во Далас, која го коментирала ова истражување.

Рибиното масло е богат извор на здрави масни киселини, познати како омега-3 масни киселини. Бројни клинички истражувања покажале дека рибиното масло може да помогне во намалувањето на триглицеридите во крвта, во намалувањето на крвниот притисок и ризикот од срцев инфаркт кај лицата со кардиоваскулани заболувања.

 

Advertisement