Подгответе едноставна плетена, Велигденска погача која се декорира со јајца и тревки. Вистинска декорација на вашата велигденска трпеза!

Состојки:

За тесто

  • Екстра бело брашно тип 400 од Жито Лукс – 750 гр.
  • Млеко – 250 мл.
  • Вода – 100 мл.
  • Масло за јадење – 100 мл.
  • Квасец – 1 коцка
  • Шеќер – 1 лажичка
  • Сол – 1 лажичка
  • Белки – 2

За фил

  • Маргарин – 100 гр.
  • Жолчки – 2
  • Сол – 1 лажичка
  • Крем сирење – 100 гр.
  • Уште е потребно
  • Јајце – 1

Инструкции:

Чекор 1:

Во млако млеко и вода ставете квасец, шеќер и лажица брашно. Оставете квасецот да надојде. Во мал сад соединете ги белките и маслото и потоа додадете сол. Додадете го млекото со надојдениот квасец и брашно и замесете тесто. Оставете на топло 30 до 45 минути со цел тестото да надојде.

Чекор 2:

Измесете го надојденото тесто и на набрашнета површина развлечете ја со сукало на 35 со 55 сантиметри големина. Изматете со миксер маргарин, жолчки и крем сирење и потоа посолете и премачкајте го тестото кое потоа ќе го свиткајте во ролна.

Чекор 3:

Ролуваното тесто потоа префрлете го во плех формирајќи круг, но гледајте краевите од надворешната страна да бидат одвоени. Со ножици сечете го ролатот на 1.5 до 2 сантиметри ширина, но не до крајот. Првиот исечен дел свртете го кон средината, вториот и третиот оставете ги на исто место само малку свртете ги. Четвртиот дел истото свртете го кон средината како и првиот, а петтиот и шестиот оставете ги како што направивте со вториот и третиот. Така продолжете до крај.

Чекор 4:

Ролатот немојте веднаш да го исечете до крајот, затоа што тестото се лепи од филот со кое е премачкано, туку најдобро е да исечете два-три дела и веднаш да почнете да ги вртите и да ги ставате на нивното место.

Чекор 5:

Погачата ставете ја на топло место 45 минути и потоа премачкајте ја со изматено јајце. Печете ја околу 30-35 минути во рерна загреана на 200 степени.

Advertisement