Вагиналниот секрет се јавува веќе кај новородените девојчиња и тоа е нешто што ги прати жените во текот на целиот живот.

Вагиналниот секрет по правило е кисел, бидејќи неговата PH вредност изнесува 4, а во таква средина не опстануваат микроорганизми кои се развиваат во болест. Но, кога ќе се поремети киселоста на вагиналниот секрет, тогаш доаѓа до размножување на микроорганизмите, а за да се одбрани од нив, телото лачи поголема количина на вагинален секрет, кој повторно нема нормална PH вредност, а за тоа време микроорганизмите се размножуваат сè повеќе.

Зголемениот секрет не мора секогаш да означува постоење на инфекција, а заблуда е дека секретот се зголемува само после некоја полова болест. Второто може да биде случај само во 4 и 5-та група секрети (објаснети подолу), а кај останатите групи, појавата на секрет не зависи од сексуалниот контакт.

Сепак, штом забележите дека вагиналниот секрет станал обилен, обратете се кај вашиот гинеколог заради поставување на вистинската дијагноза и евентуална терапија.

Постојат 6 основни групи на секрет:

1 група: се јавува кај женските новороденчиња

2 група: се јавува кај девојчињата пред пубертет и кај постарите жени

3 група: се јавува кај сексуално активните жени и е прилично честа појава, а според количината на бактерии и габички, кои се причинители на инфекции, оваа група е поделена на 3b, 3c и 3d.

4 група: се јавува кога станува збор за бактеријата Gonococ, од која се развива болеста гонореја. За среќа оваа болест е искоренета кај нас, па оваа група на секрет ретко се сретнува.

5 група: се јавува кај жените инфицирани со еден вид на паразит кој се нарекува Trichomonas vaginalis.

6 група: се сретнува кај жените во чиј секрет е пронајдена габата Candida, која е многу честа, а може да се најде и кај девојките кои сè уште не биле сексуално активни.

Важно е да се напомене дека броевите со кои се означуваат групите на секрет не го означуваат степенот на инфекцијата. На пример, групата 6 е прилично распространета и честа, а не мора да значи дека нејзиниот причинител е сексуален контакт. Оваа група често се јавува кај дијабетичари, трудници, жени со опаднат имунитет, после терапија со антибиотици и тн.

Како се открива инфекција?

Причинители на инфекцијата можат да бидат и микроорганизми, кои по својата структура се наоѓаат помеѓу вируси и бактерии, а тоа се: кламидија, микроплазма и уреаплазма. Тие не можат да се откријат со помош на обичен брис кој се прави во амбулантите, туку со помош на брис кој се прави во специјалистичките гинеколошки ординации и лаборатории.

Секако, зголемениот вагинален секрет може да го предизвикаат и вирусите, како што се цитомегаловирусите, папилома вирусите и останати, а треба да се нагласи дека многу од нив се канцерогени.

Во последните неколку години сè поприсутен е папилома вирусот (HPV) кој предизвикува кондиломи, а во полоши случаи и канцер. Причината за тоа е честото менување на сексуални партнери и незаштитениот секс.

Симптомите карактеристични за појава на зголемен вагинален секрет се црвенило во пределот на вагината, сврбеж, пецкање, специфична миризба на секретот, а понекогаш и боја. Лечењето зависи единствено од видот на причинителот.

За 1 и 2-та група лечење не е потребно, кај 3b групата се лечат само жените, а кај останатите – 3c, 4, 5и 6-та група се лечи и партнерот.

За 5-та група карактеристичен е пенлив, жолтеникаво-зелен секрет кој има исклучително непријатна миризба и кој често, доколку не се реагира на време, предизвикува потешки компликации во смисла на воспаление на јајниците, слузокожата на матката, а кај трудниците може да предизвика и пукање на водењакот.

За 6-та група карактеристичен е сирест секрет, како и зачестен сврбеж и пецкање во пределот на вагината. По воспоставената дијагноза, гинекологот одлучува за орална или вагинална терапија.

Статиите на нашиот портал служат ИСКЛУЧИВО ЗА ВАШЕ ИНФОРМИРАЊЕ, за било каков здравствен проблем ЗАДОЛЖИТЕЛНО ДА СЕ КОНСУЛТИРАТЕ СО ДОКТОР!