Витаминот А е првиот откриен витамин, па затоа е именуван со првата буква од латиницата. Тој е особено важен за одржување на добар вид, за добрата состојба на коските, кожата, косата, забите и непцата. Без доволно витамин А, организмот е посклон кон инфекции.

Овој витамин е еден од најактивните антиоксиданси, а помага и во заштитата на кожата од штетните сончеви зраци. Особено е важен и во лекувањето на акни и мали брчки.

Докажано е дека витаминот А дејствува профилактично кај некои видови рак, помага за намалување на нивото на лош холестерол и го намалува ризикот од срцеви заболувања.

СИМПТОМИ ПРИ НЕДОСТИГ НА ВИТАМИН А

За среќа, повеќето луѓе внесуваат доволно витамин А преку храната. Но, недостигот на овој витамин иако е реткост, сепак се појавува. Особено застрашени се луѓето болни од рак, туберколоза, пневмонија, хронични болести на бубрезите или болести на простатата.

Некои од симптомите кои се појавуваат при дефицит на витамин А се:

  • Склоност кон вирусни инфекции;
  • Ноќно слепило;
  • Опаѓање на косата;
  • Загуба на апетит;
  • Проблеми со коските.

ХРАНA БОГАТA СО ВИТАМИН А :

  • рибиното масло,
  • црниот дроб, јајцата,
  • млекото и млечните продукти,
  • туната,
  • темнозелените и жолтите зеленчуци,
  • морковот,
  • дињата,
  • компирите и др.

ПРЕДОЗИРАЊЕ СО ВИТАМИН А

Кога зборуваме за витаминот А нема како, а да не споменеме нешто повеќе за предозирањето со овој витамин. Таа појава се нарекува хипервитаминоза А и значи дека вашиот организам има складирано повеќе витамин А отколку му е потребно за правилно функционирање.

Најчесто предозирање со витамин А се добива со прекумерно консумирање на витамин А како додаток во исхраната. Хипервитаминозата А може да доведе до проблеми при породувањето, аномалии на црниот дроб или проблеми со централниот нервен систем.

Некои од симптомите кои се појавуваат при интоксикација (хипервитаминоза) со витамин А се: загуба на апетит, раздразнетост, омалаксаност, кршливи нокти, главоболка, проблеми со видот, депресија и анемија.

Примањето на големи количества витамин А за време на бременост може да предизвика спонтан абортус или дефекти на новороденчето. Поради тоа, бремените жени не треба да примаат витамин А како додаток во исхраната, освен ако тоа не е препорачано од доктор.