Најновите истражувања откриваат дека пивото може да помогне во борбата против најозлогласената болест на денешницата – карциномот.
Научниците од Универзитетот во Ајдахо откриле дека состојката којашто на пивото му ја дава горчината всушност содржи компоненти коишто се исклучително делотворни во борбата против најразлични болести, вклучувајќи го тука и канцерот.
Во хмељот се пронајдени две основни компоненти хумулони, коишто имаат антивоспалителни и антиканцерогени својства, и лупулони, за коишто се верува дека исто така донесуваат бројни здравствени бенефити.

Научниците изјавиле дека се надеваат биолозите и медицинските стручњаци да развијат нов лек којшто ќе може успешно да се бори против најразличните болести на денешницата, вклучувајќи го тука и канцерот.
Ова недамнешно истражување само го зголеми веќе големото значење и здравствените бенефити од хмељот. Освен во борбата против канцерот, хмељот исто така би можел да биде корисен и во борбата против акните, гојазноста и борбата против ХИВ вирусот.
Инаку, пивото, иако е многу калорично, тоа сепак помага при превенција од прекумерна тежина ако се консумира умерено. Научниците откриваат дека личностите кои неделно пијат две до три чаши пиво имаат помал индекс на телесна маса (BMI).
Сепак, и покрај сите овие бенефити, важно е да се внимава за внесеното количество на пиво да биде во границите на нормалата, односно да биде до максимални 6 децилитри за мажите и половина од ова количество за жените, и тоа за пива со процент на алкохол 5, во текот на целиот ден. Нутриционистите опоменуваат дека зголемената консумација на пиво може да предизвика и спротивен ефект од посакуваниот.
И уште нешто, за да ги почувствувате сите здравствени бенефити од пивото, умерената консумација на пиво мора да биде проследена и со здрав начин на живот и правилна исхрана.




















