Многу места во домот се совршена околина за бактерии, а на некои од нив сигурно не би ни помислиле.

Најчесто ова се места со повеќе влага, или предмети што често го допираме, но ретко-кога ги чистиме. Затоа, следниот пат кога ќе правите генералка, немојте да ги прескокнете овие нешта:

Корпи за ѓубре
Обично корпите не се валкаат многу, бидејќи речиси сите ставаат вреќи или кеси. Но неретко кесите протекуваат или се кинат, па корпата се валка. Затоа, еднаш неделно темелно чистете ги и корпите за ѓубре.

Далечински управувачи
Далечинските управувачи, без разлика дали за телевизор, клима или нешто друго, се предмети што ги допираме секојдневно. Но колку пати сте ги исчистиле? Најдобро е да ги чистите далечинските управувачи еднаш дневно, со антибактериско марамче или алкохол.

Кујнски површини
Бидејќи во кујната приготвуваме храна и ја користиме секојдневно, и овде бактериите лесно се размножуваат. Уште полошо ако ги бришете масите во кујната во сунѓер, бидејќи тој е највалканиот предмет во вашиот дом. Исто како далечинските управувачи, еднаш дневно дезинфицирајте ги и кујнските површини.

Чешми
Кога сакаме да ги измиеме рацете, ја допираме чешмата и бактериите од дланките остануваат на неа. Затоа, секојдневно дезинфицирајте ги и чешмите во домот.

Шпорет
Можеби редовно ги чистите шпоретот, но колку често ги чистите копчињата? Додека готвите, речиси сигурно дел од храната ќе заврши и на копчињата, со тоа правејќи ги совршена околина за бактерии.

Кафемат
Сигурно секогаш наоѓате причина за да го избегнете темелното чистење на кафематот, но и тој е предмет со многу бактерии. Не заборавајте дека бактериите од него можат да завршат и во вашето кафе.

Кујнски мијалник
И вашиот мијалник е повалкан отколку што мислите. Причината е што покрај садови, во него сигурно миете и храна, па ако остане нешто, бактериите имаат со што да се хранат.

Даски за сечење
На даските за сечење има гребаници од ножот кои лесно се полнат со храна, затоа и тие се погодно место за бактерии. После секоја употреба, исчистете ја даската со мешавина од оцет и вода, а потоа исплакнете ја со жешка вода.

Држачи за четки за заби
Бидејќи на држачите има влага, и овде се создаваат многу бактерии. А, сигурно не сакате некои од нив да завршат на четката за заби.

Сунѓери
Веќе напоменавме дека сунѓерите се највалканиот предмет во домот. Најдобро е да го менувате сунѓерот на секои две недели, или темелно да го исчистите со раствор од оцет и вода.