Кои се негативните ефекти од недоволниот сон?

Редуцирањето на ноќниот сон е одлика на модерното општество. Речиси сè останато ни станува поважно и поинтересно од лежењето во хоризонтална положба и одморањето на телото и умот. Обврските од ден во ден магично ни се множат и колку и да се обидуваме, никогаш не успеваме да пронајдеме доволно време за квалитетен сон.

Но, она што не го сфаќаме кога го жртвуваме неопходниот ноќен одмор за да ги довршиме сите домашни обврски, за да „повисиме“ уште половина час на Facebook, за да ја догледаме омилената серија или за да не ја пропуштиме вечерната забава, е дека недоволното спиење носи многу повеќе негативни последици отколку што можеме да си замислиме.

Црвенилото во очите, подочниците и уморниот изглед се најмалиот проблем. Секој орган во телото и секој аспект од нашиот живот е засегнат од краткиот сон, и тоа на негативен начин.

НЕДОВОЛНИОТ СОН И ПОСЛЕДИЦИТЕ ВРЗ ЗДРАВЈЕТО

Како и повеќето луѓе, веројатно и вие сте почувствувале на своја кожа како непреспаните ноќи го попречуваат нормалното функционирање. Недоволното спиење има многубројни негативни последици врз нашето здравје. Еве некои од нив:

Зголемен ризик од кардиоваскуларни болести. Модерниот тренд на скратување на сонот е темпирана бомба. Краткиот сон влијае негативно врз вашето срце, со тоа што го зголемува крвниот притисок, го забрзува ритамот на срцето и го покачува нивото на хормонот на стресот.

Зголемен апетит и склоност кон дебелеење. Додека спиеме, нашиот организам ослободува специфични хормони и хемикалии кои го контролираат апетитот и му помагаат на телото да одржува нормална телесна тежина. Намалениот сон го нарушува балансот меѓу хормоните, односно го намалува нивото на хормонот кој го потиснува гладот, па ние јадеме повеќе од вообичаено. Се смета дека кога не сме доволно наспани дневно консумираме околу 300 дополнителни калории. Освен тоа, ни се зголемува желбата за консумирање на брза, пржена и мрсна храна, која лесно се таложи по телото и води до дебелеење.

Зголемен ризик од дијабетес. Кај луѓето кои спијат помалку од 7 часа дневно се зголемува ризикот од појава на дијабетес тип 2.

Намалена способност на мозокот за помнење. Помнењето се создава врз основа на серија од нервни врски кои се обновуваат или зацврстуваат за време на спиењето. Секоја фаза од спиењето има различна улога во обединување на новите информации, научени во текот на денот. Доколку не му дадете доволно сон на вашиот мозок, тој не може правилно да ја складира новата материја, па поверојатно е да заборавате.

Намален имунитет. Колку помалку спиеме, толку послаб станува нашиот имунитет. Организмот на личностите кои спијат недоволно потешко се бори со вируси и бактерии.

НЕДОВОЛНОТО СПИЕЊЕ И ПОСЛЕДИЦИТЕ ВРЗ ЉУБОВНАТА ВРСКА

Ви се случило ли да започнете кавга со партнерот или одненадеж да му се развикате, без да има некоја особена причина за тоа? Ви се случило ли да ја изгубите желбата за секс поради истоштеност? Сите понекогаш сме жртви на нашите нездрави навики, но недоволното спиење е една од навиките кои имаат сила да ја влошат вашата врска.

Еве какви последици остава прекраткиот сон врз вашиот љубовен живот:

Намалена желба за секс. Краткиот сон во текот на ноќта води до недостиг на енергија, истоштеност, поспаност и вознемиреност. Сето тоа го намалува либидото и ве принудува да го одбивате партнерот.

Влошување на комуникациските вештини. Уморните луѓе почесто предизвикуваат конфликти, секогаш реагираат бурно, покажуваат лоши комуникациски способности и често молчат и немаат желба да ги решаваат проблемите.

Намалена способност за ефективно решавање на проблемите. Луѓето кои страдаат од недоволен сон не можат да се справат со падовите во животот. Тие не можат да го слушаат и помнат целиот разговор со партнерот и помнат само делови, со цел да зачуваат дел од својата енергија. Ниската концентрација и склоноста кон селективно слушање, често води до неспособност за решавање на љубовните проблеми или до неразумни одлуки.

НЕДОВОЛНОТО СПИЕЊЕ И ПОСЛЕДИЦИТЕ ВРЗ РАБОТАТА

Сигурно сте забележале дека колку помалку спиете, толку помала е вашата концентрација на работното место и потешко е извршувањето на секојдневните задачи, кои не ви претставуваат проблем кога сте наспани. Неколкуте испиени шолји кафе можат само делумно да го решат проблемот.

Еве кои може да се последиците од скратениот сон на вашето претставување на работното место:

Намалена способност за донесување разумни одлуки и решавање проблеми. Способноста на мозокот да продуцира логични и пресметани решенија на проблемите значително е намалена кај личностите кои не спијат доволно во текот на ноќта. Тие често избрзуваат или занемаруваат важни факти, а тоа ја намалува ефективноста и резултира со донесување на непромислени ризични одлуки.

Намалување на работната ефективност.Ако не спиете доволно во текот на ноќта, не се надевајте дека ќе покажете позитивни резултати на работното место. Недостатокот од сон влијае врз способноста за планирање и врз чувството за ориентација во времето.

Губење на концентрацијата.Недоволното спиење води до намалена способност за фокусирање и концентрирање. Секој шум може да го одвлече вниманието на ненаспаната личност, па таа губи голем дел од времето во обид да си ги фокусира мислите на задачите.

Појавување на тешкотии при учењето на нова материја. Луѓето кои на работното место константно учат нешто ново мораат да си го пружат луксузот „квалитетен сон“. Недоволното спиење значително ја намалува способноста за учење и помнење.

НЕДОВОЛНОТО СПИЕЊЕ И ПОСЛЕДИЦИТЕ ВРЗ ДРУШТВЕНИОТ ЖИВОТ

Aко сметате дека си го подобрувате друштвениот живот со тоа што си кратите од сонот за да останете подолго на социјалните мрежи или кога сте излезени, помислете уште еднаш. Не може да сте пријатно друштво ако сте нервозни, уморни и раздразливи. Еве кои се негативните ефекти на неспиењето врз друштвениот живот:

Намалена желба за дружење. Ако не сте спиеле доволно во текот на ноќта, нормално е да немате желба за дружење следниот ден. Ненаспаните луѓе губат интерес за вклучување во забавни динамични активности или во интересни разговори. Намалувањето на времето за спиење значи и намалување на интензитетот на позитивните емоции од дружењето и забавата.

Појавување на тага и депресија. Краткиот сон не само што го намалува интензитетот на позитивните емоции, туку води и до појава на негативни емоции, како тага и вознемиреност. Хроничните проблеми со спиењето се поврзуваат со долготрајни нарушувања во расположението и појава на депресија.

Нервоза, напнатост и нетолерантно однесување. Луѓето кои не се наспани полесно се иритираат, нервозни се, а понекогаш дури покажуваат агресивно однесување. Тоа често води до конфликти со колегите, соучениците, пријателите и го уништува друштвениот живот.

Често велите „Од спиење нема спомени“ или „Ќе спијам кога ќе умрам“? Време е да го промените својот став и да престанете да ја занемарувате силата на добриот сон, кој носи подобро здравје, поведро расположение и поубави спомени.

Advertisement