Со правилна исхрана до бебе: Што треба да јадете?

Многубројни научни студии докажале дека нормализацијата на телесните масти влијае на урамнотежување на нивото на репродуктивни хормони и подобра плодност.

Правилната исхрана и плодноста се тесно поврзани, бидејќи за зачнување на дете потребни се здрави јајце клетки и здрави сперматозоиди, како и добра општа состојба на организмот. Одредени намирници и урамнотежена исхрана можат да ја намалат количината на стрес, да го подобрат здравјето на репродуктивните органи и да му обезбедат на организмот доволна количина на хранливи материи.

Неухранетоста ја намалува плодноста кај жената, бидејќи намалениот процент на масно ткиво може да влијае на овулацијата, а намалувањето на телесната маса од 15% може да има последица нередовен менструален циклус.

Кај жените е многу важен поволниот нутритивен статус и адекватна работа на штитната жлезда.

Фолна киселина

Разновидна, сезонска исхрана е најдобар прехранбен модел, а конкретните намирници кои можат да допринесат за подобар здравствен статус би требало да бидат оние кои се добар извор на фолна киселина. Таа е важен нутритиент во периодот пред зачнување и во првото тромесечје од бременоста. Намирници богати со фолна киселина се мешункастите плодови, житарици од цело зрно, темнозелен листест зеленчук, пилешко месо и џигер.

Минерали

Исто така треба да се обрне внимание на адекватен внес на минерали, првенствено железо, селен и цинк. Тие можат да се пронајдат во црвеното месо, џигерот, темнозелен листест зеленчук, цвекло, интегрални житарки и мешункасти плодови. Исто така ги има и во рибата и морските плодови кои воедно се и најдобар извор на Омега-3 масни киселини, објаснува нутриционистот Кармен Матковиќ.

Кај мажите, од друга страна, дебелината влијае на плодноста, не само заради намаленото производство на сперматозоиди, туку и нивниот квалитет е послаб.

За добар квалитет на сперматозоидите исклучително е важен добар нутритивен и здравствен статус. Постои поврзаност помеѓу прекумерната тежина и квалитетот на спермограмот, па се препорачува оптимална исхрана која исклучува внес на рафинирани производи, заситени масти, шеќер и алкохол.

Протеини

На мажите им се препорачува телесна активност и исхрана богата со протеини, односно аминокиселини, меѓу кои се истакнува аргинин (свежо сирење, ферментирани млечни производи, сурутка, црвено месо, диво месо, риба, морски плодови, хељда и овес)

Антиоксиданси

Многу е важно во исхраната да се вклучат намирници богати со силни антиоксиданси (јаткасти плодови, семки и квалитетни билни масла, пилешко месо, како и риба).

Нутриционистите истакнуваат дека антиоксидансите имаат клучна улога во плодноста на двата пола.

Со внесувањето на антиоксиданси кај жената може да се намали оксидативниот стрес во јајце-клетките, а кај мажите може да се подобри бројот, структурата и подвижноста на сперматозоидите.

Истите го поттикнуваат телото да произведува одредени невротрансмитери, додека некои производи можат да влијаат на расположението и желбата за секс. Така на пример допаминот е главниот виновник за тоа што се чувствуваме добро и мотивирано. Телото го произведува од аминокиселината тирозин, која најмногу ја има во мисиркиното и пилешкото месо, во црвеното месо, школките, туната, млечните производи и јајцата, авокадото и бананата.

Потребно е да се консумира и полномасно млеко бидејќи тоа поволно делува на јајниците, како и полномасен јогурт и сирење, бидејќи на телото му е потребна маснотија за да апсорбира нутритиенти кои влијаат на плодноста. Многу силен антиоксиданс е бетакаротенот, кој го има во морковот, кељот, спанаќот и компирот.

Намирници за жени:

  • Фолна киселина – блитва, спанаќ, брокула, зелка, прокељ и мешункасти плодови
  • Тирозин– мисиркино месо, пилешко месо, црвено месо, школки и туна, јајца и млечни производи, авокадо и бананаж.

Намирници за мажи:

  • Коензим Q10 – телешко месо, пилешко месо, свинско месо, риба (лосос, пастрмка) и јаткасти плодови
  • Витамин Ц – лимони, портокали, листест зеленчук, пиперка.
  • Витамин Е – јаткасти плодови, семки и растителни масла.
Advertisement