kari

Карито е традиционална мешавина на зачини со широка примена во индиската кујна, особено во Јужна Индија. Познати се повеќе од 200 вида кари, од најблаг до најлут. Се работи за доста пикантен зачин кој служи како додаток во разни сосови и преливи, особено за зачинување на месо и зеленчук. Карито, помалку или повеќе, вклучува сложена комбинација на цимет, каранфилче, ловоров лист, ѓумбир, оревче, црн пипер, чили пиперки, ким, коријандер и турмерика (жолт корен).
Што се однесува до бенефитите кои ги носи користењето на овој зачин, познат е по благотворното дејство на целокупниот имунолошки систем, ја подобрува циркулацијата, штити од срцеви болести, има анти бактериско дејство, ублажува бол, го подобрува варењето на храната и се смета за одличен борец против слободните радикали.

Особено е добар во заштита на мозочните ќелии. Се смета дека помага во борбата против ракот и Алцхајмеровата болест. Истражувањата покажеле дека во Индија која се смета за земја каде најмногу се консумира овој зачин, многу е помал бројот на луѓе заболени од овие болести.

Поради својот остар мирис, карито треба да се чува во херметички затворен сад, далеку од извор на директна светлина. На тој начин карито ќе ги задржи своите мириси и вкус и ќе можете да го користите речиси без рок на употреба.