Научниците откриле дека една обична банкнота е дом на 26. 000 бактерии, кои можат да бидат опасни за нашето здравје. Иако, две третини од нас сметаат дека допирањето на банкноти и монети е нехигиенски, само еден на секои пет Европејци си ги мие рацете, откако допрел пари.

Истражувањето е спроведено во 12 земји во Европа меѓу повеќе од 9.000 корисници. Тоа покажува дека луѓето се обидуваат да се изборат со навиката да не ги мијат рацете, откако ќе имаат контакт со пари. Според научниците, парите се многу повалкани и од возилата на градскиот транспорт. Врз една монета од една фунта можат да бидат откриени повеќе бактерии, отколку на тоалетот, кој се чисти редовно.

Речиси половина од Британците признаваат дека не ги мијат рацете, откако имале допир со пари. Мажите почесто го избегнуваат миењето на рацете во споредба со жените. Во Франција и Унгарија најдобро знаат колку валкани можат да бидат парите, но и таму повеќето луѓе не ги мијат рацете. Дури 43% од Британците сметаат дека парите се чисти. Во цела Европа, тие најмалку мијат раце, исто како и луѓето во Данска .

Според психологот Дона Досон, луѓето тешко ги согледуваат негативностите на  парите, бидејќи тие се израз на успехот кој го постигнуваат. “Иако знаеме дека парите се извор на бактерии, ние не ги поврзуваме болестите со чувањето и допирот на пари “, вели таа.

Истражувањето на MasterCard покажува дека четворица од 10 Европејци тврдат дека ќе се обидат да имаат подобра хигиена и сметаат дека безконтактната исплата ќе помогне за тоа. Повеќето од половината испитаници преферираат да користат безконтактни плаќања, наместо да ги допираат валканите пари. Истражувањето е спроведено од MasterCard и Универзитетот во Оксфорд. Резултатите покажуваат дека банкнота од едно евро содржи 26. 000 бактериски колонии.