Зошто е корисна кинеската урма?

Таа е култура која успешно се одгледува во суптропските и умерени појаси. Издржува ниска температура до -20°C, успешно се одгледува во подрачја и локации заштитени од силни ветрови, добро изложени на сонце за подобро зреење.

Во текот на вегетацијата во мај, од испакнатите нодии растат лисни гранчиња со должина до 25 см на кои се распоредени непарни издолжени, кожести, сјајни, асиметрични листови со три видливи надолжни жили.

Од јуни до август, во основата на листовите се формираат ситни жолтеникави цветови со пријатен мирис. Цветот е двополен и многу привлечен за пчелите. Во еден подолг временски период на овошката има и плодови и цветови.

На почетокот плодовите се со зелена сјајна боја, слични на плодот од маслинка. Зависно од сортата, плодовите се со јајцевидна, издолжено крушковидна или округла форма, со големина од 2 до 5 см и тежина од 10 до 50 грама. Со зреењето во септември плодовите постепено ја менуваат бојата на покожицата со карактеристична сјајна кафеаво-црвенкаста или кафеава боја. Плодовите на кинеската урма може да се користат веднаш кога ќе добијат карактеристична боја на плодот, бидејќи постепено созреваат и до крајот на октомври почнуваат да се збрчкуваат и паѓаат. Месото е со бело-жолта боја со пријатен киселкасто-сладок вкус, малку сув и со арома на јаболко. Во плодот има семка која е со издолжена форма.

Поради високата содржина на корисни состојки и витамин С, плодовите на кинеската урма се употребуваат за снижување на крвниот притисок, за лечење на грчеви во желудникот, за ублажување на кашлицата и против несоница, за забавување на стареењето на организмот. Плодовите се користат за јакнење на имунолошкиот систем на организмот на човекот. Плодовите може да се јадат свежи, сушени или за разни преработки. Листовите, кората и растителната маса се користат во фармацијата за подготовка на разни лекови, сирупи и чаеви. Листот, исто така, содржи многи лековити состојки: богат е со катехини, рутин, кумаринови материи, шеќери, витамин Б1, како и други материи кои се користат во медицината.

Advertisement