Здравјето мора да го негуваме, доколку сакаме да го зачуваме!

Ирена Спировска, уредничка на забавната програма на телевизија Алфа веќе 22 години успешно ја гради својата кариера и е една од најпрепознатливите телевизиски водителки во земјава. Убава, амбициозна, шармантна и секогаш насмеана, Спировска ужива во друштвото на својата ќерка Зорица, во својата работа и во друштво на своите пријатели.

Таа пред 22 години прв пат се појавила на телевизиските екрани и од тогаш успешно чекори по скалите на славата. Со неа разговаравме на тема како таа се грижи за своето здравје, што најчесто јаде и како ги советува младите да се грижат за нивното здравје….

slika 111. Може ли да ни кажете како го одржувате вашето здравје?

Спировска: Здравјето мора да го негуваме доколку сакаме да го зачуваме! Нереално е,  да очекуваме дека секогаш ќе уживаме во благодетите на здравјето и добрите гени, без да имаме совесен однос кон себе си и своето здравје!  Здравиот начин на живот е имератив за мене веќе подолго време. Здравата исхрана, физичката активност, редовниот сон, како и дружењето со позитивни луѓе се докажана формула за добар живот.

2. Што најчесто се храните и кое ви е омилено јадење?

Спировска: Исхраната ми се базира најмногу на овошје, зеленчук и јаткасти плодови. Не јадам месо веќе неколку години, избегнувам се што е од животинско потекло освен, риба и морски плодови. Пијам многу вода и свежо цедени сокови.

3. На кој начин ја одржувате вашата линија?

Спировска: Здравиот начин на исхрана во голема мера влијае и на линијата. Секогаш сум се трудела да бидам умерена во исхраната, па веројатно затоа и не сум имала проблеми со тежината, што секако е резултат и на наследените гени. Нормално за добра линија неопходна е и соодветна физичка активност.

4. Дали вежбате и што најчесто?

Спировска: Одсекогаш многу сум ги сакала планините и планинар сум, уште од студентските денови. Кога дозволуваат условите редовно одам на Водно или пешачам покрај кеј. Во зима алтернатива ми е аеробикот, иако во принцип не сакам рекреација во затворен простор. Природата е друга приказна…

5. Сметате ли дека диетите придонесуваат за намалување на тежината или тоа го прави здравиот начин на живот?

Спировска: Диетите даваат краткотрајни резултати, а многу често можат да бидат и штетни за организмот ако се ригорозни и ако некој се подвргнете на нив, без соодветна подготовка на организмот за тоа. Здравиот начин на исхрана треба да биде начин на живот, а не инцидентен режим на исхрана. Бенефитие се повеќекратни: добра линија, добро здравје, добра кондиција…

6. Како би ги советувале младите генерации да се грижат за нивното здравје?1656297_651386514922801_1738869310_n

Спировска: Мислам дека денеска младите се многу повеќе свесни за неопходноста од грижа за здравјето, одколку што бевме ние на нивни години. Достапните информации, интернетот, литературата, многубројните аеробик, пилатес, зумба и фитнес центри им даваат одлични можности за здрав начин на живот. Она што би им советувала е да ги избегнуваат цигарите, алкохолот, брзата храна и што повеќе време да поминуваат во природа.

7. Од што се состои еден ваш дневен оброк?

Спировска: Предпладне сокогаш конзумирам овошје за појадок, а ручекот и вечерата ми се богата и разновидна салата во комбинација со риба, рижото или некои полесни тестенини.

8. Како се грижите за здравјето на вашето дете? Дали и тоа ги следи чекорите на својата мајка?

Спировска: Како родител се трудам да влијаам на формирањето здрави навики на моето дете и да и посочам колку е важен здравиот начин на живот. На моја голема радост и задоволство, мојата ќерка која е тинејџерка веќе има изграден однос кон здравиот начин на живот и исхрана, кои посакувам да ги зачува и да ги надградува и во иднина.

Scroll To Top