Со високите температури и доаѓањето на летотом пламнаа стомачните инфекции кои последните две недели ги наполнија амбулантите и болниците со пациенти. Особено на удар се децата и лицата со ослабен имунитет. Дневно во ординациите на лекарите циркулираат и по дваесетина пациенти, а чекалниците на матичните педијатри се полни со деца, кои во една смена достигнуваат и бројка од триесетина.
Уживањето во сончевото време и годишниот одмор може да ви го нарушат стомачните вируси, кои не бираат место и време кога напаѓаат. Висока температура, течна столица и повраќање се првите знаци за цревните заболувања како последица на високите температури и контаминираната храна.Стомачните вируси траат една недела, додека тешките случаи се препраќаат на Клиниката за инфективни заболувања.
Лекарите велат дека речиси нема семејство каде што најмалку еден член не добил стомачна инфекција.
– Можам да кажам дека бројот на пациенти, кои се нападнати од стомачни вируси во овој период е многу зголемен и ординациите се полни. Стомачните вируси се манифестираат преку малаксаност, покачена температура, повраќање и пролив. Има некои пациенти кај кои трае и по една недела, а кај некои по два дена. Дел од нив поминуваат само со нелагодности во стомакот, а дел само со пролив – објаснуваат општите лекари.
Според неа, нехигиената, нечистите раце и контамираната храна се главните предизвикувачи на стомачните вируси, па поради тоа граѓаните мора да внимаваат што јадат, да го избегнуваат топлото време, редовно да ги мијат рацете, овошјето и зеленчукот.
Официјалните бројки покажуваат над 500 пријави со цревни инфекции, но бројката се смета дека е пет пати поголема бидејќи микробиолошките амбуланти нередовно ги пријавуваат болните со стомачни вируси.
Голем проблем со стомачните вируси имаат децата, кои често пати завршуваат и во болница. Дехидрираните деца имаат зголемена температура, пролив и повраќање. Според инфектолозите, главниот совет е храната добро да се измие и да се остави зеленчукот и овошјето два часа во вода пред да се јаде.
– Покрај ова, претшколските и школските установи да го подигнат нивото на хигиена и редовно да се проветруваат просториите каде престојуваат децата. Во прв ред да се намали температурата, потоа веднаш да се земат електролитите бидејќи децата многу брзо дехидрираат – информираат инфектолозите.
Болката од стомачните вируси може да биде периодична, да дејствува одеднаш како грч што ќе резултира со успорување на дишењето, и за неколку секунди да исчезне. Но, може да се јави и како слаба константна болка во стомакот. Болката или уште наречено грчевите од внатрешноста алармираат на нешто што ние не го знаеме.
Стомачните вируси можат да се појават како резултат на нешто што сте конзумирале како на пример, отровна храна и храна со изминат рок. Многупати на лекарите им е тешко да ги одредат и точно да ги дефинираат причините од кои е предизвикана болката, бидејки многу од органите во стомакот со различни проблеми имаат исти или слични симптоми. Затоа најчесто во ваква ситуација, алармот треба да се вклучи при појавите на дијареа и повраќање.
Познати се два вида на вируси и тоа предизвикани од бактерии (најчесто расипана храна) и стомачен вирус.
Стомачниот вирус предизвикува воспаление на органите за варење. Се нарекува и вирален гастроентеритис или стомачен грип. Прекумерен губиток на течности резултира со дехидратација и електролитен дисбаланс.Според статистичките податоци, околу 30-40 отсто од акутните проливи се предизвикани од стомачниот вирус.
Инфекцијата не е предизвикана од еден одреден тип на вирус туку од повеќе вируси. Тука се вклучени ротавирусот, аденовирусот тип 40 и 41, астровирусот и торовирусот. Овие вируси предизвикуваат воденеста дијареа и ја афектираат внатрешната обвивка на тенкото црево.
Ротавирусот е најчест причинител на дијареата кај децата и тука се зафатени најчесто деца помеѓу 3 и 15 месеци. Вирусот се шири по феко-орален пат и најчесто болеста трае 5-7 дена. Аденовирусите предизвикуваат респираторни инфекции. За разлика од другите стомачни вируси на аденовирусот му треба повеќе време за да предизвика симптоми. Може да поминат и до десет дена додека се развијат симптомите и да траат до две недели.Додека, торовирусот најчесто ги напаѓа децата помали од 2 години. Многу е редок и е одговорен за 3 отсто од проливите кај децата. Може да предизвика и акутна и хронична дијареа. Хронична дијареа се смета ако е подолга од 14 дена. Заболените деца помалку повраќаат, а повеќе имаат крвави проливи. Децата кои имаат хронична дијареа често се инфицирани и со ешерихија коли. Тука е и астровирусот, кој е најчест предизвикувач на дијареа кај децата и е одговорен за дијареите кај децата во градинките и заедниците со деца помали од една година.
Стомачната инфекција е самолимитирачка, поминува после одреден период без употреба на никакви лекарства. За разлика од бактериската дијареа, вирусната дијареа не реагира на антибиотска терапија. Најважен чекор во контролирањето на болеста е корегирање на дехидратацијата со администрација на течности и електролити. Треба да се земаат течности како што се соковите, безкофеински напитоци и орални рехидратациони раствори.
Откако ќе престане повраќањето може да се земе цврста храна како двопек, крекери, ориз, тестенини и банани

Сподели