Стриите настануваат под влијание на различни околности. Нивната појава може да се должи на физичкото растегнување на кожата (бодибилдинг, бременост, дебелеење, брзо растење и развивање во пубертетот) и хормоналните промени во телото (бременост, пубертет).

При растегнувањето на кожата се раскинуваат колагените еластични влакна на нејзиниот среден слој, т.е. дермисот и со тоа се губи еластичноста. Како резултат настануваат стрии со различна големина.

Стриите се лузни со изглед на брановидни линии. Кога ќе се појават се црвени или розови, но со текот на времето придобиваат бела или сребрена боја. Кај некои жени, уште по самата појава стриите се бели или сребрени. Најчесто се појавуваат на стомакот, долниот дел на грбот, градите, надлактиците, задникот и бутовите.
Голема улога при појавата на стриите имаат гените и типот на кожа. Жените кои имаат сува кожа се позасегнати од овој непријатен проблем.

КАКО ДА ЈА СПРЕЧИТЕ НИВНАТА ПОЈАВА?

Иако постојат многу различни продукти и козметички процедури за отстранување на стриите, сепак најбезбеден и најефективен начин да имате тело без стрии е превенцијата.

1. Спречете го брзото слабеење или дебелеење. Доколку сакате да слабеете, не избирајте екстремни диети со кои се губат многу килограми за кратко време. Строгите диети влијаат негативно не само врз кожата, туку и врз целосното здравје.

2. Негувајте ја кожата. Особено внимание треба да ѝ посветите ако сте во пубертет или ако сте бремени, затоа што тогаш кожата претрпува физичко растегнување и во телото настапуваат хормонални промени. Користете хидратантни креми, природни масла (како рицинусово и маслиново) или специјални креми наменети против стрии.

3. Практикувајте масажа и ексфолијација. Масажата и ексфолијацијата ја подобруваат циркулацијата. Користете четка или ракавица за подобар ефект. Освен што е добра против стрии, масажата е одлична и против целулит.

4. Консумирајте храна богата со протеини, витамини Ц и Е и цинк. Таквата храна го стимулира создавањето на колаген, кој што е неопходен за еластичност на кожата. Вклучете ги во вашата исхрана јајцата, рибата, јаткастите плодови, морковите, цитрусните плодови и млекото.

5. Вежбајте редовно, но умерено. Прекумерното вежбање со големи тегови може да придонесе за појавата на стрии. Започнете со најмала тежина, па потоа постепено зголемувајте ја. Така мускулната маса ќе расте малку по малку.

loading...
Сподели