Проблемите со гастроинтестиналниот систем се многу чести кај нас, но не се сите состојби еднакво сериозни. Можеби немате чир на желудник, туку имате проблем со киселини, можеби патите од надуеност и желудочни мачнини, или сте премногу осетливи на одредени прехранбени продукти.

Сите овие симптоми се поврзани со дигестивниот систем, или системот за варење, и вообичаено претставуваат хронични проблеми, кои ви го прават секој оброк непријатен, и ви предизвикуваат болка. Затоа навреме превземете мерки за да не дозволите големо влошување на вашата состојба. Во продолжение прочитајте за желудочните чирови и за правилна исхрана при вакви состојби.

Што се тоа желудочни чирови?

Стомачните чирови, исто така се нарекуваат и пептични чирови или желудочни чирови, и претставуваат отворени ранички и воспалени места на желудочната внатрешна обвивка. Поради ниската pH вредност во желудникот која е резултат на хлороводородната киселина, откако еднаш ќе се појави чир, тој може да предизвикува голема болка.

Денес за најчест предизвикувач на стомачен чир се смета бактеријата Helicobacter pylori, но чирот исто така може да биде и резултат на прекумерна употреба на аналгетици како аспирин, и нестероидни анти-инфламатори како ибупрофен и напроксен. Медицински, желудочните чирови најчесто се третираат со антибиотици и лекови за намалување, блокирање или неутрализирање на стомачната киселина. Но исто така чирот може да се третира и со одредени промени во исхраната, и одредени лекови на природна база.

Како треба да се храните ако имате чир на желудникот?

Консумирајте флавоноиди бидејќи според одредени истражувања тие може да бидат корисни во третманот на стомачни чирови. Нив ги има во јаболки, зелен чај, боровинки, малини, капини… но сепак одбегнувајте иританти како-цитрусни овошја и црвено вино (овие продукти исто така содржат флавоноиди но најчесто предизвикуваат иритација на чирот и затоа се непожелни).

Обидете се да внесете и повеќе пробиотици кои може да ги најдете во ферментирана храна како: кисела зелка, соја јогурт или кефир, или во форма на суплементи.

Лукот може да ви помогне во третманот на бактеријата Helicobacter pylori така што доколку го поднесувате, консумирајте го редовно. И сокот од брусница е одличен во борбата против Helicobacter pylori.

Општи препораки се дека: треба да јадете многу овошје, зеленчук и интегрални житарици, кои ќе ве обезбедат со доволно витамини, минерали, антиоксиданти, полифеноли и други нутриенти кои ќе ве заштитат од појава на чир, и ќе ви помогнат во лекување на веќе постоечкиот чир. Храна богата со полифеноли, која може да ви биде од корист е: сушен рузмарин, оригано, црно чоколадо (доколку не ви предизвикува проблеми) , црни маслинки, боровинки.

Важно е да јадете почести помали оброци за да му ја олесните работата на желудникот и да не го ставате во сосотојба да мора да произведува поголема количина на киселина. Исто така треба да консумирате нискомасна храна, да избегнувате прости шеќери, зачинета храна, црн и црвен пипер, домати, и да внесувате многу влакна. Не јадете 2 часа пред спиење, и пијте доволно вода.

Од овошје и зеленчук најдобро е да јадете: морков, кељ, брокула, пиперки, сок од зелка, грозје, кајсии, киви, банани. Исто така добро е умерено да консумирате и: ладно цедено масло од сончоглед, пченични никулци, лешници, бадеми, сусам.

Постојат одредени намирници кои предизвикуваат влошување на состојбата и нив треба да ги избегнувате, а тоа се: кафе, газирани пијалоци, лути пиперки, процесирана храна, солено месо, пржена храна, млеко и млечни производи и алкохол.

Сподели