Во источниот дел на Македонија, во прекрасната Малешевија се прават најубавите македонски јадења, запишани или запаметени уште од усните преданија на нивните баби и прабаби.

Во Берово вештите домаќинки го прават надалеку познатиот малешевски зелник, специјалитет со неповторлив и единствен вкус, комбиниран со бело беровско сирење или со буламач.

Потребни состојки:

За тесто:

  • 1 кг брашно
  • 1 коцка квасец (50гр)
  • 1 голема лажица сол
  • 1 колема лажица шеќер
  • вода по потреба (за замесување)
  • зејтин (за премачкување на корите)

За фил:

  • праз
  • сирење

(за филот може да се употреби и спанаќ или пржен праз со пиперки и домати)

Начин на подготовка:

Се потквасува една коцка квасец со една супена лажица шеќер и една супена лажица сол. Потоа добиената смеса се меша со еден килограм брашно и вода по потреба.

Откако тестото убаво ќе се замеси, се остава еден час за да нарасне. Потоа тестото се дели на пет помали и еден поголем дел. Сите делови се сукаат многу тенко со дебелина од околу 1 милиметар.

Секоја сукана кора се остава на еден простран чаршав да се исуши, се додека не се расука секој дел од тестото.

Најголемиот дел од тестото се расукува во поголема дебелина и покриен се става врз еден плех. На помалите кори се распоредува иситнето сирење и се посипуваат со зејтин.

Потоа се собираат и се редат во поголемата кора. Се редат почувајќи од краевите на плехчето кон внатре. На крај со краевите на поголемата кора се покриваат и замотуваат помалите кори.

Во средината се става малку запржениот праз со сирење и одозгора се посипува со брашно. Се остава еден час да стаса, а потоа се става да се пече на 250 степени Целзиусови.

Откако ќе се испече се вади од рерната и се полива со 100 грама зовриена вода со зејтин и пак се става во рерна да се допече уште 10 минути.

Пријатен апетит!