Денес е тешко да се направи рамнотежа меѓу обичаите, традицијата и модерното. Но, колку и да сме модерни, убаво е да се задржи една доза на традиционалното. Во пресрет на денешниот празник ви подготвивме еден рецепт како да направите посна и вкусна погача…

Состојки:

  • 1 кг брашно
  • 1/2 л млака вода
  • 1 свеж квасец
  • 1 лажичка сол
  • 2 лажици шеќер
  • 200 мл масло
  • сусам

Подготовка:

Квасецот растопете го во млака вода, додадете го шеќерот и 2 лажици брашно. Оставете го да отстои на топло место. Во брашното додадете ги втасаниот квасец и маслото. Со долевање на вода замесете го тестото. Тестото месете го сè додека не се појават меурчиња, па покријте го и оставете да нарасне на топло место. Кога ќе се удвои, премесете го и оставете го тестото да одмори 30 минути. Кога ќе нарасне, посипете го тестото со 100 грама брашно и измесете го уште еднаш. Сега тестото не треба да се лепи, туку е мазно и меко.

Поделете го тестото на половина, па секоја половина уште на половина (деловите треба да се еднакви), па и тие на пола, се додека не добиете 20 еднакви делови. Од секое делче од тестото направете топче. Или обликувајте ја погачата по желба.

Ако постите со масло, премачкајте ја тавата за печење со масло, па ставете едно топче на средината, па 6 топчиња околу него, и останатите 13 околу нив. Немојте премногу да ги притискате едно до друго, зашто ќе нараснат. Ако пак постите со вода, ставете хартија за печење пред да ги редите топчињата. На крајот наросете од сусамот. Оставете повторно така да отстои тестото уште 30 минути.

Печете во загреана рерна на 230 степени за време од 10 минути, потоа намалете ја температурата на рерната на 200 степени и печете уште 30 минути.

Готовата погача премачкајте ја со масло или само со вода.

Advertisement