cevliПри купувањето на првите чевли, родителите секогаш го бараат најдоброто за детето и обрнуваат особено внимание. Меѓутоа дури тогаш настануваат дилемите: Како да се одреди големината? Кои кондурчиња се оние вистинските? – Со влошки или без нив? Дали најскапите се и најдобри?

Првите чевли влијаат на формирањето на обликот на стапалата и неговата функција при одеењето. Детското стапало е исклучително чувствително, коските и зглобовите се се уште меки, а мускулите и тетивите се недоволно силни, за да го издржат напорот на тежината на телото. Поради тоа, чевлите мора да ја преземат улогата на стабилизатори и да ја спречат деформацијата на стапалото, а во исто време, да лобезбедат доволно стабилност за детето да може слободно да чекори.

Чевлите не смеат да бидат премногу тврди, за да не го ограничат нормалното свиткување на стапалата при одеење, меѓутоа не треба да бидат ни премногу меки бидејќи нема да му ја овозможат потребната стабилнот на детето. Особено треба да се обрне внимание на делот, кој го држи скочниот зглоб: тој треба да биде цврст, додека пак, предниот дел кон прстите, треба да биде мек и доволно широк, за прстите да не бидат збиени, што може да доведе до нивно деформирање. Во преголеми чевли, стапалото се лизга и детето не може павилно да се потпре, а тоа доведува до нарушување на рамнотежата, неправилно одење и деформитет на стапалата.

Тесните чевли, пак, можат да предизвикаат уште поголема штета од преголемите. Покрај тоа што децата одбиваат да носат такви чевли, постои ризик и од појава на деформитет, жуљеви, ноктите се деформираат и сраснуваат со мекото ткиво, циркулацијата се нарушува, а можат да се појават и отоци на стапалата.

Првиот и најважен совет е, не купувајте чевли додека детето не започне самостојно да чекори, што најчесто се случува околку првиот роденден и никогаш не земајте чевли кои некогаш ги носело некое друго дете, без оглед на тоа колку се квалитетни.