GurzanovaИма многу забуна помеѓу идните родители кои додатоци во исхраната или витамини, треба да ги користи трудницата и со тоа да му го обезбеди на своето бебе најдоброто, во вистинско време. Но, да бидеме реални, не се конфузни и збунети само идните родители, многу од здравствените работници кои би требало да го дадат вистинскиот совет, не се многу сигурни зошто би требало трудницата да ги внесува конкретните витамини или други додатоци во исхраната.

За општата популација е познато дека постојат бројни брендови на додатоци во исхраната, мултивитамински и мултиминерални препарати кои се советуваат како додаток во исхраната на трудницата. Многу од нив не се опасни за здравјето на трудницата и бебето, но доста од нив немаат никаква корист во развојот на бебето, а помал број од нив можат да бидат опасни во високи дози.

ГРУПИ ВИТАМИНИ

Треба да знаеме дека постојат две големи групи витамини: четири витамин А,Д,Е и К се липосолубилни(се раствораат и депонираат исклучиво во масти), додека останатите како витамините од Б-групата и Витаминот Ц се раствораат во вода, и не можат да се складираат во организмот. Затоа е потребно, редовно на дневна база да се внесуваат во потребната доза.

Витамин А

Есенцијален за добар вид. Доколку недостасува, поврзан е со ноќно слепило, но во денешно време, многу ретко се сретнува Витамин А дефициенција, затоа тешко е да се оправда користење на овој витамин како додаток во текот на бременоста. Од друга страна, еден негов облик познат како ретинол, ако се користи во високи дози во првите неколку недели од ембрионалниот развој на бебето може да биде поврзан со одредени вродени аномалии. Во секој случај, правилна исхрана богата со немасно месо, риба, овошје и зеленчук ги задоволува потребите за витаминот А и тоа во доволни, но не штетни количини.

Витамин Д

Витаминот Д во организмот се создава под кожата кога е под дејство на УВ зраци и дефициенција се јавува кај жени кои живеат во предели, каде нема многу сончеви денови(северните краишта). Кај нив, поголемиот дел од телото и лицето им се покриени со облека или средства за сончање со висок фактор (користење на креми за сончање со висок фактор е есенцијално, пак, при многу сончеви денови – за да не дојде до флеки по кожата, предвремено стареење и зголемување на ризикот од рак на кожа). Во секој случај се препорачува суплементација на организмот со витамин Д во тек на бременост. Препорачана доза е 10мг (400ИЕ) на ден, но со повеќе студии се покажало дека ова доза е недоволна, т.е. дневната доза треба да се покачи до 1.000 ИЕ посебно кај жени кои се недоволно изложени на УВ зраци (тоа никако, не значи дека треба да се користат солариуми во текот на бременоста).

Дефициенција од овој витамин значи недоволна минерализација на коските кај бебето, посебно во првите месеци, што може да доведе до рахитис во детската возраст или остеопороза во подоцнежната возраст.

Неколку студии покажаа поврзаност помеѓу пре-еклампсија (патолошко покачување на артерискиот притисок и  едеми) кај трудниците и витамин Д дефициенција. Најновите истражувања укажуваат на појава на дијабетес во детската возраст и зголемен ризик од појава на мултиплекслероза во подоцнежната возраст.

Витамин Е

Пред некое време беше сугерирано дека витаминот Е како суплемент може да превенира од спонтан абортус, прееклампсија и ниска родилна тежина на бебето. Но, со направени бројни студии не се покажа никаква поврзаност со превенција од овие состојби кај трудницата, напротив синтетската форма на витамин Е го зголемува ризикот од мртво родени деца. Затоа денес воопшто не се препорачува во овој облик, туку само како природен облик алфа, д-токоферол или делта и гама токотриеноли (внимателно читајте што пишува на секое кутивче со витамини), а најдобро да го внесувате во природен облик, до 50 грама суво јаткасто овошје(ореви, бадеми, кикиритки, лешници итн.), ладно цедено маслиново масло во зелечукова салата. Тоа повеќе од доволно ќе ги задоволи сите потреби од овој витамин во бременоста.

Витамин К   

Најмногу се наоѓа (како витамин К1) во растенијата и тоа во лиснатиот зелен зеленчук (марула, зелка, рукола итн.) и млечните производи. Како витамин К2 се синтетизира во дебелото црево на човекот од страна на одредени бактерии (дел од цревната флора).Тој е многу потребен за нормалниот процес на коагулација (згрутчување) на крвта. Тешки дефициенции (ретко се среќаваат) можат да доведат до тешки искрварувања.

Како суплемент се препорачува посебно за трудници, кои земаат антиконвулзивна терапија за епилепсија (кај нив бебето е со зголемен ризик за церебрална хеморагија посебно при некои интервенции при породување, како апликација на форцепс итн.)

Други кондиции кои можат да доведат до витамин К дефициенција е улцеративен колитис или некоја друга хронична болест на дебелото црево, а и појава на холестаза во тек на бременоста (што почесто се среќава) може да доведе до дефициенција.

Витаминот К рутински се дава на сите новородени, за да го минимизира ризикот од внатрешно крварење кај бебињата.

Витамин Ц

Силен антиоксиданс кој го штити телото од штетните слободни радикали и има многу бенефити од неговата употреба. Има докази, дека негова дефициенција во текот на бременоста може да доведе до анемија, предвремено прскање на окулуплодовите овојци, ниска родилна тежина кај бебето, како и зголемен ризик од појава на пре-еклампсија. Дневната доза како суплемент треба да биде минимум 85-100мг, богата исхрана со јужно овошје, јагоди, шумско овошје, домати, пиперки и друго овошје и зеленчук. Тој е витамин кој се раствора во вода, а не масти, и затоа не се складира во организмот, туку мора секојдневно да се внесува.

 Витамин Б1

Потребно е да се внесуваат сите витамини од Б групата (познати се 8), но ние ќе се задржиме на 3 од нив кои се многу неопходни.

Б1 или тиамин е есенцијален за изградба и добра функција на нервите, мозокот и  на мускулите. Побарувањата во бременоста се зголемувааат толку што тешко се надоместува со исхраната, затоа е потребно да се внесува како додаток во исхраната. Интегралните житарки, мешунки (грав), млекото, телешкото месо, како  јаткастото овошје се богати со овој витамин, додека белиот леб и тестенините од бело брашно се сиромашни со тиамин, како и пржената храна и готвена на висока температура, го унишуваат овој витамин. Трудниците кои конзумираат алкохол или пушат цигари имаат почесто дефициенција од витамин Б1.

Фолна киселина (витамин Б9)

Најпопуларен суплемент во текот на бременоста. Многу важна за нормална синтеза на ДНК и зголемена делба на клетките што ја карактеризира бременоста посебно во најраните денови и недели. Докажано е значително намалување на ризикот од спина бифида (дефект на неуралната туба кај бебето) при внесување на овој витамин.

Фолната киселина е многу битна за превенција од анемија-има битна улога во создавањето на еритроцитите. Дефициенција од фолна киселина може да се јави кај хронични болести н ацрниот дроб и кај трудници кои земаат антиепилептици.

Балансирана исхрана богата со лиснат зелен зеленчук, грав, грашок и овошје се добар извор на фолна киселина. Дневната препорачана доза за превенција од спина бифида е 400 микрограми на ден, 2-3 месеци пред зачнувањето. Во случај трудницата да прима антиепилептици, боледува од дијабетес или има зголемен ризик од појава на спина бифида кај бебето, дозата е 10 пати поголема т.е. 4-5 мг на ден.

Витамин Б6 

Иста така, познат како пиридоксин, се смета дека има значајна улога во превенција на бројни компликации во бременоста како предвремено породување и  пре-еклампсија.

Цинк

Внесување на цинкот како суплемент е доста контраверзно. Традиционално се препорачува како превенција од предвремено породување, ниска родилна тежина на бебето, па дури и пролонгирана бременост, но вистинска медицинска потврда за тоа нема, напротив високи дози на цинк како суплемент може да интерферира со менталниот развој на детето. Дефициенција од цинк е многу ретка состојба посебно во развиените земји, така да суплементација од овој минерал не е многу потребна во текот на бременоста.

Калциум

Калциумот е минерал кој е потребен за изградба на коските кај бебето, и најголема миграција кон плодот има во третиот триместер. Исто така, е битен во развојот на забите, нервите и срцето на  плодот. Најмногу го има во млечните производи и млекото (посебно во урдата). Друг извор се сардините (сосе коски кога се јадат) и др. Кога има недостаток, тогаш е на штета на мајката (се мобилизира од коските на мајката кон плодот и може да доведе до кршливост на коските и остеопороза). Никогаш не е на штета на плодот. Дневната доза како суплемент е 1.000мг.

Силно е докажана неговата улога во намалување на компликациите од пре-еклампсија кај трудницата, што е уште еден бенефит за овој минерал.

Железо

Многу често во текот на бременоста доаѓа до анемија предизвикана од недостаток на железо. Тој е неопходен за синтеза на хемоглобинот (протеин во еритроцитите кој го пренесува кислородот до ткивата). Во текот на бременоста посебно во последните 3 месеци се зголемува волуменот на крвта дури до 50 отсто, па затоа е потребно повеќе железо. Ако има анемија, трудницата чуствува умор, постои зголемен ризик од предвремено породување, ниска родилна тежина на бебето како и зголемен морталитет кај бебињата. Железото е потребно и за добар имун систем, како и изградба на миоглобинот(протеин на мускулите). Дневна потреба за трудници е  27мг на ден. Најдобар извор е црвеното месо.

Омега 3

Омега 3 се фамилија на повеќе поли незаситени масни киселини со долги ланци, кои не можат да се синтетизираат во телото и затоа се есенцијални масни киселини кои треба да се внесуваат со храната. Најпознати се ЕПА (еикосапентаниочна киселина) и ДХА  (докосахексаноична киселина). Адекватна количина на овие масни киселини е многу битни за рамнотежа на простагландините (молекули кои го регулираат целокупниот процес во организмот), а чија нерамнотежа може да доведе до многу болести,а во бременост до предвремено породување, пре-екламписја и многу други. Омега 3 масните киселини се есенцијални за развојот на мозокот и видот кај бебето, а студии укажуваат на намален ризик од алегии кај деца чии мајки земале Омега 3 како супплемент во текот на бременоста. Најдобар извор на Омега 3 се мрсните риби што живеат во ладни води како, лосос, туна, сардина, скуша, харинга. Но, кај некои од нив посебно големите риби како туната постои опасност од зголемена концентрација на жива во нивното месо, затоа се препорачува суплементи од Омега 3 што ќе ги задоволат дневните потреби за трудницата и плодот. Потребната количина е 220 мг ЕПА и300 мг ДХА на ден во текот на бременост .

 

 

loading...
Сподели