По 500 евра казни за родителите кои одбиваат вакцинирање на децата по пријава на инспекцијата.Засега се регистрирани околу 200 случаи на суд, кои одбиле да ги регистрираат своите деца. Ова денеска беше истакнато на одбележувањето на Европската недела на имунизација, под мотото „Спречи, заштити, вакцинирај! Заштити го светот, вакцинирај се!“
Јованка Костовска, раководител на Секторот за превентивна здравствена заштита вели дека отребата да се вакцинираат децата не само што е законска обврска, туку е и право на секое дете да биде заштитено од тешки заразни заболувања.
-Уште еднаш ги повикуваме и охрабруваме родителите дека вакцините во Македонија се безбедни, од најреномирани производители. Да ги вакцинираат своите деца и понатаму државата да биде меѓу земјите лидери кои имаат висок опфат на имунизација. Со тоа многу болести се искоренети и нема да се вратат, а ќе имаме здраво поколение -изјави Костовска.
Таа најави дека нивни екипи ќе бидат на терен и ќе откриваат невакцинирани деца од рурални средини, ромска популација и други деца кои воопшто не се евидентирани или не се вакцинирани.
Неделата на имунизација ќе трае до 27 април, а за утре предвиден е стручен состанок на епидемиолози, кои ќе разговараат за опфатот на вакцинирани и за проблемите што треба да се надминат. Македонија ја одбележува Европската недела на имунизација од нејзиното востановување пред осум години, од страна на Светската здравствена организација.
Годишно околу 150.000 деца на различна возраст се вакцинираат во Македонија. Опфатот е во просек околу 95 отсто за сите вакцини, но се уште има поделеност и недоверба на родителите за најновата вакцина против инфекции со хуман папилома вирус (ХПВ) која од 2009 година е задолжителна за девојчиња на 12 години. Минатата година вакцината ја примиле 50 отсто во државата, а во Скопје меѓу 20 и 25 отсто.
Светската здравствена организација препорачува што повеќе напори за зголемување на опфатот на имунизација, зашто во светот годишно над 10 милиони деца под пет години умираат. Од нив, 1,4 милион деца под 5 години умираат од болести кои можеле да се спречат со вакцинација.
Последен случај на дифтерија во Македонија имало во 1976. Од неа во минатото заболувале по 400 случаи годишно од кои 25 умирале. Последен случај на парализа бил во 1987, тетанус неонатален во 1993. Пред воведување на вакцината против голема кашлица во 1960 година имало по 3.600 заболени годишно и по 20 умирале, од тетанус имало по 36 заболени, а 17 умирале.

Сподели