Панични напади

aneta nacevska11 Напад на паника е емоционално пореметување кое се манифестира нагло, кое е  пропратено со непријатни вегетативни симтоми (забрзана работа на срцето, отежнато дишење, потење, вртоглавица, тремор на рацете, поматување на видот и сл.), најчесто се јавува  без никаква видлива причина. Наведените симтоми за време на паничниот напад забрзано се појачуваат и личноста чувствува дека не е во состојба да ги поднесе.

Што всушност се панични напади? Најпрво паника е страв од страв. Нападот на паника понекогаш се јавува кај личности кои се склони кон анксиозни реакции (плашливи и сензитивни личности). Паничните напади не се јавуваат случајно и без никаква причина како што си мисли личноста која ги преживува.  Јавувањето на првиот паничен напад најчесто е поврзан со непријатни случувања кои допринеле да се чувствува личноста анксиозно (вознемирено и напнато). Некои од тие случувања кои претходат на паничните напади се: хроничен стрес, трауматско искуство или серија на стресни случувања, хронична исцрпеност на организмот после напорна работа или неспиење, губиток на блиска личност, интензивен бес, претерано конзумирање на токсични супстанци (дрога, кофеин, алкохол), физиолошки пореметувања (тахикардии, проблеми со работа на тироидната жлезда), хипервентилација и тн.

panicni napad

Сите наведени причини можат да бидат причина за појава на напнатост, анксиозност и вегетативни хиперсензитивност. Некои луѓе се сензитивни, плашливи и покажуваат склоност  да се уплашат од овие непријатни телесни симтоми. Кога личноста ќе се уплаши, сите горенаведени телесни симтоми се појачуваат, и личноста во тие моменти чувствува дека се случува нешто страшно.  Во тие моменти се јавуваат страшни мисли како на пример “ќе умрам, ќе добијам инфаркт, ќе паднам во несвест, се гушам, ова е знак дека ќе полудам, морам да побегнам, морам ова да го спречам, јас ова не можам да го поднесам, ќе престане срцето да му чука и тн.” Наведените мисли дополнително го зголемуваат стравот, а стравот телесните симтоми  и на тој начин се создава магепсан круг кој предизвикува паника.

Паничниот напад често повторно се јавува после некој извесен период. Тогаш личноста обично повеќе ќе се исплаши и почнуваат да антиципираат (предвидуваат, очекуваат) нов паничен напад. На пример, кога ќе излезат од домот или одат во некој ноќен клуб почнуваат да ги перцепираат своите телесни сензации. На тој начин ги провоцираат и предизвикуваат нов паничен напад. Кога паничниот напад ќе се појави  повеќе пати, личноста почнува да избегнува да се вози во автобус, да поминува мостови, затворени простории со многу луѓе и тн. Со избегнување на овие ситуации се допринесува јакнење и одржување на паничниот страв. Секој пат кога личноста ќе побегне од ситуација во која очекува да се случи паничен напад, тоа има значење како да си кажува на самиот себе “јас ова не можам да го поднесам”…

Нападите на паника доста успешно се третираат. Во поголем број од случаите доволен е психотераписки третман, а во некои случаи (потешки случаи, или се пропратени со некои други ментални или телесни пореметувања) потребно е покрај психотерапискиот третман да се примени и фармаколошки третман (земање на терапија која може да ја препише исклучиво психијатар). Когнитивно бихејвиорална терапија се покажала како најефикасна во третманот на нападот на паника

Личноста кога прв пат  доживува паничен напад доста е уплашена и збунета и почнува да се запрашува што се случува со нејзиното здравје. Многумина одат кај своите матични доктори, специјалисти (кардиолог, пнумолог, и тн) да се прегледаат. Одењето кај доктор е секако корисно, со тоа ќе се елиминира можноста од некое органско пореметување. Кога на тие прегледи нема да се утврди никакво соматско заболување, докторите обично ги препраќаат овие пациенти кај психолог или прихијатар.

panicen napad

Што е важно да знаете доколку имате паничен напад:

Паничните напади сами по себе не се опасни и неможат да предизвикаат смрт или било кое телесно заболување;

Паничните напади потребно е да се третираат затоа што во спротивно тие можат да траат до крајот на животот (нема да поминат сами по себе), од таа причина треба да се побара помош од психолог или прихијатар;

Паничните напади не се знак на лудило, ниту се знак за некое тешко душевно заболување, од паничниот напад неможе да се полуди или да се изгуби разумот и контролата;

Нападот на паника психотераписки доста успешно се третираат.

            Психотераспискиот третман на паничите напади подразбира:

Eдукативен дел: терапевтот му објаснува на клиентот што се напади на паника, како и зашто настануваат и како личноста ги создава и одржува истите.

Тераписки интервенции: откривање, анализа, забавување на мислите и чувствата кои личноста ги создава и одржува паничните напади, учење на нов начин на мислење кој ќе и помогне на личноста да не ги доживува новите напади, примена на научените вештини и излагање на реални ситуации и тн.

Анета Начевска

Специјалист по медицинска психологија

Поликлиника НЕУРОМЕДИКА

02/3 133-313

www.neuromedica.com.mk

 

Advertisement