Младите брачни парови кои се венчале после 22ри Март минатата година, денес слават Младенци. На денешен ден нивниот дом го посетуваат членовите на потесното семејство и пријателите, подарувајќи им поклони. Домаќинките наутро припремаат свечена посна трпеза и специјални слатки колачи т.н. младенчиња.

Според старите народни верувања, на Младенци би требало да дојдат сите гости кои биле на свадбената веселба. Но сепак, обичаите денес се изменети и на гости доаѓа потесното семејство, кумовите и блиските пријатели. Иако некогаш овој празник се славел исклучиво во куќата на младенците, во денешно време се повеќе современите сопружници овој празник го прославуваат во ресторан или кафич.

Трговците велат дека на овој празник како поклони најчесто се купуваат мали куќни апарати или постелнина, дарови кои ќе го потполнат домот и олеснат почетокот на бракот.

Младенчињата симболизираат долг, среќен и сладок брачен живот.

Освен овие обичаи, за денешниот празник се поврзани разноразни верувања. Едно од нив е дека храната која се припрема тој ден треба да биде посна, поради здравје и напредок на младите сопружници. Исто така најстарите членови во фамилијата велат дека во нивно време за Младенци се јадело мед, варена коприва и зеље, за да им се прочисти крвта.

Младенчиња – за сладок брачен живот

Најпознат и најпочитуван обичај е жените да станат рано и да месат колачиња од пченично брашно. Тие меѓу народот се попознати како младенчиња и симболизираат долг, среќен и сладок живот. Симболично младенчињата се премачкуваат со мед и се нудат на сите гости кои ќе дојдат тој ден.

За младенци обично се месат 40 младенчиња бидејќи на 22-ри Март црквата се присетува на 40-те војници во градот Савастиј. Тие во 320 година, за време на царот Ликиниј, преминале во христијанство и покрај изречената забрана. Поради својата вера, христијанските војници биле погубени.

Прославата на Младенци, на денешен ден, црквата укажува на тоа дека сопружниците треба да си бидат верни еден на друг, како што војниците страдалници биле верни на Христа, но и на тоа дека љубовта помеѓу нив не би требало да ја совлада никакво искушение.

РЕЦЕПТ ЗА МЛАДЕНЧИЊА

Состојки:

  • 500 грама меко пченично брашно
  • 1 свеж квасец
  • 2 кафени лажички шеќер
  • 1 кафена лажичка сол
  • 200 мл топла вода
  • 50 мл масло
  • прстофат рендана кора од портокал
  • мед
  • суво грозје, каранфилче, ореви, лешници или чоколада

Подготовка:

Замесете го тестото од брашно, вода, квасец, масло, кората од портокал и сол.

Оставете на топло пола час додека да втаса, а потоа размесете го на дебелина од 0,5см и направете 40 погачици. (Можете да ги извадите со чаша или модла).

Наредете ги колачите во плех и почекајте да нараснат. Печете ги 20 минути, а потоа извадете ги и премачкајте ги со мед додека се уште топли. По желба можете да ги украсите со суво грозје, каранфилче, мелени ореви, лешници или посно чоколадо.