Невенот и неговите лековити својства


Во градините и на балконите невенот (Caledula officialis) се одгледува како декоративна билка. Но неговите цветови се користат и како лек. Бидејќи невенот сака сонце, треба да се сади на сончеви места. Цвета од јуни до септември, а кога  есента е топла и до крајот на октомври. Се бере целиот надземен дел на билката, а најголема вредност има цветот и тоа оној со интензивно портокалова боја. Како и сите други билки, треба да се бере во суво време за да се спречи можноста за мувлосување. Во невеновиот цвет има доста активни материи на чие присуство се должи неговата лековитост.

Такви се етерското масло, каротеноидите и ксантофилите што ја даваат портокаловата боја, потоа горливи материи, слузи, флавоноиди, органски киселини и окситерпени. Невенот ја подобрува работата на желудникот и целиот дигестивен тракт, а има и седативно дејство. Особено е ефикасен за заздравување на ерозиите (раните), односно за чир на желудник и дванаестпалачното црево.

Каротените го обновуваат епителот, а етерското масло дејствува антивоспалително и антимикробно (го сопира развојот на грам-позитивните бактерии и на некои грам-негативни бактерии). Бидејќи оваа билка ги отстранува спазмите (грчевите) на материцата, се користи и за олеснување и ублажување на болна менструација, истовремено јакнејќи ја матката.

Од цветовите на невенот се изолирани окситерпенски деривати кои делуваат против “бело перење” предизвикано со трихомонас со што се оправдува употребата на билката за оваа намена. Невенот е добар и за видот заради присуството на каротеноиди (провитамин А) кој во организмот се претвора во витамин А. Витаминот А е познат по своето благотворно дејство на стапчињата и чепчињата во окото. 

Го поттикнува и имунитетот 

Имунитетот е способност на човековиот организам да даде отпор на сите отрови и организми кои настојуваат да ги оштетат ткивата или органите. Знаци на нарушен имунитет можат да бидат: несоница, намалена можност за концентрација, чувство на малаксаност, главоболки, воспаление на дишните патишта почесто од четири пати годишно, пролив или повраќање, хроничен цистит, честа појава на херпес на уста и гениталии, упорни инфекции со габички, упорни кожни заболувања или заболувања на коренот на косата и алергии.

Едни од најважните фактори што можат да го ослабат имунитетот се претерано пушење, пиење алкохол или кафе, честа употреба на антибиотици, стресови, живот во загадена околина. Невенот е една од најважните билки при третмани за зголемување на имунитетот. Полисахаридните компоненти со висока молекуларна маса се носители на имуностимулирачката активност на невенот.

Всушност при третмани за зголемување на имунитет се користат сите оние билки кои имаат антитуморска активност, ги неутрализираат токсините, ја подобруваат крвната слика, или пак се богати со витамини. Невенот е ценета и популарна билка и за лекување на рани и одредени кожни заболувања. Цветот на невенот е преполн со корисни материи кои помагаат против нередовна и болна менструација. 

_____________________________

Scroll To Top