Нешто за ајдучката трева

ajduchkatreva

Ајдучката трева е повеќегодишно коренско растение.  Стеблата се прави, тенки, високи до 60 см, разгранети само на врвот. Листовите се двојно до тројно перести. Целото растение е покриено со сиви влакненца што му даваат сиво-белузлава боја. Цветовите се собрани во кошнички до 2 мм во дијаметар распоредени во штитовидни соцветија по врвовите на стеблата. Надворешните венечни ливчиња се бели, а внатрешните се жолто кафеави. Цвета од  јуни до септември, а плод раѓа од август до ноември. Ајдучката трева е многу распространета кај нас, а особено ја има на планината Голак и Влаина.

Таа е силен лек за јакнење на организмот. Ајдучката трева е тоник бидејќи го зголемува апетитот, ја подобрува функцијата на желудникот и цревата, ја стимулира жолчката, црниот дроб и панкреасот и го подобрува варењето на храната. Интересно е да се каже дека таа во себе содржи витамин К кој ги покачува факторите на коагулација и спречува крварења, па затоа се користи како хемостатик, односно лекување на крварења од сите внатрешни органи. Посебно е корисна за правење масти за лекување на хемороиди проследени со крварења. Се користи за правење на лосиони, масти, креми, пасти за лекување на рани и опекотини.

Исто така се користи за изработка на масло за сончање. Нашиот народ ја нарекол ајдучка трева затоа што ајдуците ги лекувале своите рани со оваа билка.  Ајдучката трева ја подобрува циркулацијата и интересен е феноменот, дека секојдневното нејзино користење доведува до потемнување на косата. Влегува во составот на комбинирани медицински чаеви за стомачни заболувања и чаеви за јакнење на организмот.

Scroll To Top