sebicni decaДецата уште од мали нозе живеат во свет на игра, фантазија и желби. Нивното проодување, првото гукање, првото изговарање на зборот мама или тато е дар за сите родители. Тие живеат во некој свој свет во кој на одредени луѓе им дозволуваат да влезат и да им се придружат, а на одредени им ставаат граница и не дозволуваат никаков пристап до тој нивни детски свет.

Како што минуваат годините, така децата оформуваат свој круг на другарчиња со кои си играат и го поминуваат повеќето од времето. Одредени дечиња лесно се прилагодуваат, додека кај одредени се јавува отпор за дружење со другите околу нив. Тие својот револт најчесто го покажуваат кога ќе дојде некој кај нив дома. Тогаш тие се најсилни, бараат внимание, им забрануваат да другите деца да си играат со нивните играчки.

Истиот тој проблем доаѓа до израз и кога дечињата ќе тргнат во градинка. Таму тие тешко се прилагодуваат, не знаат да се дружат со другите, постојано плачат и избегнуваат да јадат. Ваквите проблеми се секојдневие на родителите кои битка водат со своите најмили како да се вклопат во новиот круг на пријатели.

Психолозите, вината за ваквото однесување ја бараат во родителите. Тие велат дека родителите уште од мали нозе мора да седнат и да разговараат со своите деца, да им објаснат дека мора да бидат друштвени и да си играат заедно со другарчињата, а не да бидат себични и саможиви. Од друга страна родителите треба да бидат толерантни и на мирен начин да им објаснат на своите најмили каде грешат.