Недостатокот на витаминот K2 во организмот резултира со крути, нееластични артерии и порозни коски, подложни на кршење. Затоа витаминот K2 е неоходен во процесите на вградувањето на калциумот во коските.

Во коскениот систем на човекот, во тек на целиот живот се одвиваат многу интензивни процеси на „ замена“ на старото коскено ткиво во ново, за коската да се одржи цврста. Меѓутоа, во тек на периодот на стареење, тој процес се забавува, односно разградбата на коските е побрза и коската станува послаба. Таа состојба е позната како остеопенија. Доколку продолжи пропаѓањето на коскеното ткиво, коската станува шупликава и подложна на кршење, односно доаѓа до заболување кое го нарекуваме остеопороза. Остеопенијата и остеопорозата се најчести кај жени во менопауза и кај мажи во зрело доба.

Остеопорозата е метаболно заболување на коскениот систем, чија основна карактеристика е намалување на коскената маса по единица волумен и структурни нарушувања во самото коскено ткиво. Тоа доведува до постепено намалување на еластичноста на коските и до појава на скршеници, посебно во пределот на бутот и зглобовите. Овие скршеници се јавуваат и при мал физички напор или повреда. Во потешките форми на остеопороза може да дојде и до искривување на ‘рбетот.

При остеопорозата постои зголемена порозност на коските. Шансите за појава на остеопороза кај жените се поголеми во однос на мажите. Тоа е затоа што жените имаат помалку коскено ткиво и побрзо го губат од мажите, пред се поради хормонските промени кои се случуваат со менопаузата. Со самото старење се зголемува ризикот од остеопороза. Така коските со тек на време стануваат потенки и послаби. Ова важи и за двата пола.

Остеопорозата често е нарекувана „тивка болест“ бидејќи губењето на коскена маса се случува без никакви симптоми. Луѓето најчесто не знаат дека имаат остеопороза, сè додека нивните коски не станат толку слаби да при движење или изненаден мал пад не се скршат. Најчесто се јавуваат скршеници на колкот и колапс на телото на прешленот од `рбетниот столб, кои можат да доведат до траен инвалидитет.

Многу е важно за сите лица кои  имаат остеопенија  на време да почнат да користат препарати кои можат да го одложат или спречат појавувањето на остеопороза. Тоа првенствено се однесува на калциумот Ca и витаминот D3. Калциумот е еден од основните градивни состојки на коските, а витаминот D3 помага за неговото вградување во коските.

На кој начин витаминот K2 ја одржува цврстината на коските и ги штити крвните садови?

Како еден од есенцијалните фактори во коскениот метаболизам, витаминот K2 има способност да го активира остеокалцинот, протеин кој го транспортира калциумот и го вградува во коските. K2 витаминот го поттикнува и матрикс-гла протеиннот, кој како сунѓер го впива вишокот на калциумот во циркулацијата и го елиминира од организмот. Во оваа врзана форма, калциумот не се таложи во бубрезите. Ако овие витамини не се „потпомогнати“ од витаминот K2, тие нема да го врзуваат калциумот и нема да го транспортираат. Дневните потреби за витаминот изнесуваат 45 микрограми.

Како е тоа можно кога веќе имаме сопствен „произведувач„ на витаминот K2?

Причина за недостаток на витамин K2 во организмт може да биде земањето на антибиотици, на нестероидни антивоспалителни лекови (салицилати и други), или исхрана со намирници кои природно содржат големи количини на салицилати. Лекарите нагласуваат дека природниот витамин K2 е неопходен во превенцијата и лекувањето на остеопорозата, бидејќи може да го отстрани калциумот од атеросклеротичните наслаги, и со тоа до го олесни нивното лекување.

Сподели