Контрацептивните пилули се доста застапени на македонскиот пазар, скоро во секоја аптека. Ако сакаат со таблети да спречат бременост, жените треба да платат до 1.000 денари за едно кутиче орални контрацептиви.

Веќе неколку години се води битка овие таблети да бидат ставени на државен трошок, но сега за сега здравствените власти немаат такви планови.

Сосема спротивно од нашава практика, американската администрација пред неколку месеци одлучи жените како превентива бесплатно да ги добиваат безбедните контрацептиви што ги одобрила нивната агенција за храна и лекови. Иако се почесто се апелира во јавноста, младите да имаат безбеден секс, тие немаат пари да си купат контрацептивни лекови. Или ретки се тие кои можат да си дозволат.

Последните статистики велат дека во земјава 76 проценти од сексуално активното население не користат заштита, 17 проценти користат кондоми, 1,6 процент пијат контрацептива, 5,4 проценти имаат друга заштита. Гинеколозите препорачуваат двојна заштита при сексуални односи – антибеби-пилула за жените по препорака на лекар и кондом за мажите.

Македонија се вбројува меѓу последните во споредба со европските земји според процентот на користење орална контрацепција.

Сподели