Крајници кај децата

krajnici kaj decataАнгина или акутен тонсилофарингитис е акутно воспаление на слузницата на грлото и тонзилите (крајниците). Главен симптом на ангината е болка во грлото, посебно при голтање, иако има многу ретко и ангини без болка. Кај доенчиња и мали деца што не знаат да ја објаснат и да ја локализираат болката, прв симптом може да биде одбивањето храна. Најчести причинители на ангина се голем број т.н. респираторни вируси, а ангината може да е предизвикана и од бактерии.

Бактериите стрептококи, кои не се најчести предизвикувачи, посебно од групата бета-хемолитични (пиогени стрептококи), предизвикуваат т.н. стрептококна ангина.Срептококната ангина се карактеризира со воспаление на грлото што е проследено со висока температура и главоболка, но и со јака болка во грлото, посебно при голтање.

Тој тип ангина е многу чест и е насекаде распространета болест. Се појавува во текот на цела година, но почеста е во по студените месеци (во зима и рано напролет). Болеста се појавува поединечно, но и во мали епидемии. Почесто боледуваат децата, посебно од школска возраст. Се пренесува преку воздух, но може и со директен контакт со болен или со бацилоносител.

Инкубацијата на болеста е многу кратка – 1 до 3 дена. Стрептококната ангина почнува многу нагло со висока температура, главоболка, болка во грлото и папсаност. Понекогаш е проследена со болки во стомакот и со повраќање. Многу карактеристично за стрептококната ангина е зголемување на лимфните жлезди на вратот, кои на допир се болни. Битно е да се знае дека стрептококната ангина не е проследена со респираторни знаци (кивање, кашлање, засипнатост, секреција од нос). Ако има појава на овие симптоми тогаш оди во прилог дека се работи за вирусна инфекција, за која не е потребна антибиотска терапија. При вирусните ангини општите симптоми на болеста се поблаги, температурата е пониска, болката во грлото послаба.

Со стрептококната ангина се поврзани голем број компликации. Порано тие биле доста почести, но денес, со правилно лекување (примена на антибиотици), се јавуваат многу ретко. Стрептококот од грлото може да се прошири на соседните органи и да даде воспаление на увото, на синусите, може да навлезе во крвта и да настане бактериемија и сепса. Посебно место заземаат т.н. пострептококни компликации, ревматска треска и гломерулонефритис., кои се јавуваат неколку недели по стрептококната ангина. Гломерулонефритисот е асептичко воспаление на бубрезите, кое оди со покачување на крвниот притисок и не ретко со трајно оштетување на бубрезите. Ревматската треска е пострептоконо заболување што ги напаѓа зглобовите и срцевиот мускул и често остава трајни последици. За ревматската треска се вели дека “ги лизнува зглобовите, а го нагризува срцето”

Поради сето тоа, многу е битна навремена дијагноза и правилна терапија на стрептококната ангина. Лек на избор е пеницилин (исклучок се преосетливите на пеницилин, за нив се дава соодветна замена). Со примена на антибиотиците се скратува времето на траење на болеста. Лекувањето трае 10 дена, иако симптомите исчезнуваат за 2-3 дена.

 

Advertisement