Калинките го забавуваат процесот на стареење

Калинките не се многу едноставни за јадење, но затоа пак се многу здрави и  природни чувари на вашата убавина. Ново шпанско истражување покажало дека калинките го забавуваат процесот на стареење.

Заради големиот број семки кои ги содржи во својот плод, калинката уште одамна е симбол на плодноста. По потекло е од пределот што се протега од Иран до северна Индија, од каде што старите Грци ги пренеле на Медитеранот.

Потоа Маврите го однеле во Шпанија каде што станал заштитен национален симбол, а дури и градот Гранада го добил името по ова овошје. Исцедениот сок од калинки се користи за изработка на традиционалниот италијански напиток: la granatina.

Постојат три вида калинки: многу кисели и два поблаги вида што се јадат. Ова овошје долги години се вбројува меѓу најкорисните намирници. Тие се богати со витамини А, Ц и Е, железо и антиоксиданси, кои го неутрализираат штетното дејство на слободните радикали.

Калинката спаѓа меѓу најстарите овошја, што се користат во лековити цели. Уште од античко време важела за природен лек, затоа што е утврдено дека сокот од калинки го подобрува апетитот и ја регулира работата на желудникот, одличен е против скорбут, а поттикнува и излачување на урината.

Scroll To Top