Бадник е предвесник на најголемиот христијански празник – Божиќ. По четириесетдневниот пост дочекувањето на христовото раѓање се заокружува со посна вечера и молитва.

Христијаните уште во раните утрински часови започнуваат да се подговтваат за Бадник, вечерата што му ја посветуваат на големиот Син божји кој ќе се роди на Божиќ.

Децата, најмалите кои ги симболизираат ангелите со песна и радост го означуваат доаѓањето на свет на Спасителот: „Вечниот бог слезе и во Дева се всели, Свет, Свет, Свет си и пресвет Господи. Царот на сите Господ дојде Адам да го преобрази. Луѓе радувајте се , играјте, ангели веселете се“ е дел од старата коледарска византиска песна.

Според христијанската религија оваа песна ја пеат децата уште рано наутро одејќи од куќа во куќа каде се даруваат од домаќините со подароци. Според Црквата децата уште од најрана возраст треба да се научат на оваа христијанска песна се со цел да му се доближиме на Бога и да придонесеме и за искоренување на разни пагански коледе-леде примитивизми од нашето христијанско секојдневие.

На Бадник, навечер, се поставува вечерата со посна храна.

На маста се ставаат бадникови гранчиња, најздравото дрво кое ја симболизира среќата и здравјето на сите членови во семејството. Домаќинката, во спомен на тоа дека преку жена, односно преку пречистата дева Марија, во овој свет дојде вечната Светлина, ја пали празничната свеќа. Домаќинот, или некој подготвен за тоа, во името на сите ги принесува молитвите „Оче наш“ и „Симболот на Верата“.

Откако сите членови на семејството ќе се прекрстат се започнува со молитвата.

Најголемо значење на целата вечера имаат молитвите кои му се принесуваат на Бога и пријатната атмосфера во кругот на потесното семејство. Откако ќе се кажат молитвите, се седнува на семејната предбожиќна вечера. По молитвењето семејната предбожиќна вечера продолжува во пријатна свечена атмосфера.

Вечерата треба да биде исклучително посна, дури и без масло.

Се подготвуваат питулици, сарма, грав, компир, зелник, овошје и се друго што е посно, а го има во домаќинството се со цел трпезата што му ја принесуваме на Синот Божји да биде што побогата што треба да обезбеди богат род на земјоделските култури во следната година.

Пред крајот на вечерата, во зависност од семејната традиција, се прекршува празничниот леб со паричка.

Се прекршува на неколку делчиња, односно, еден дел за Господ, втор за домот, а останатите делови за присатните на вечерата, но и за оние кои се дел од семејството, а се отсутни од разни причини.

Месењето на лепче со паричка всушност е симбол поврзан со еден настан поврзан со животот на Св.Василиј Велики па кршењето на лепче со паричка се правело и се прави во чест на денот на Св.Василиј Велики (Василица). Во Скопје и во други градови низ Македонија овој обичај се одомаќинил и станал традиција.

По прекршување на празничниот леб со паричка, членовите на семејството помеѓу себе се даруваат со подароци, особено се даруваат помладите членови. Ова се прави во чест и спомен на тоа што – за нас луѓето и за нашето спасение од отпаднатата состојба на постоење – нашиот Небесен Отец ни го подари својот единороден Син, нашиот Спасител, Господ и Единствен Учител Исус Христос.

Откако ќе заврши вечерата масата останува нераскрената.

Оставањето на масата нераскрената ја симболизира “вечната вечера”, односно, нашето вечно љубовно – блажено заедништво со нашиот Бог. Ова вечно љубовно – блажено зедништво е и причината зошто во овој свет како човек се роди совечното Слово и Син Божји.

Утредента, целото семејство се приклучува на своето поголемо духовно семејство – Црквата. На празничната Божиќна Литургија семејството се причестува со Телото и Крвта Христови, доколку за тоа се подготвувале преку исповед, пост.

Постојат и многу пагански обичаи според кои се празникува Бадник. Тие обичаи веќе станаа традиција и многу се разликуваат од вистинското одбележување на овој голем христијански празник. Ден пред Бадник граѓаните се собираат и ги палат коледарски огнови. Ракија, месо, песна и ора се начинот на кој се дочекува големиот празник. Одлична причина за добра дружба и забава. На тие собири се крши и лебче со паричка и на тој што ќе му се падне паричката станува Кум за наредната година и се верува дека ќе биде многу среќен.

Ова е во спротивност со Православната религија бидејќи со овој начин на празнување се прекршува постот кој треба да се заокружи со Бадниковата вечера и неспремно го дечекуваме Божиќ.

Доаѓањето на Спасителот треба да го дочекаме во смирение и спокојствое, а секое разгорување на страстите не е во склоп со Православието.