Како Отец Пимен ги советува младите да имаат подобро здравје?

Во црковните хиерархиски кругови, Владика на Европска Епархија… Меѓу народот, обичен човек од крв и месо кој го сака животот и сите животни радости подеднакво како и обичните смртници. Со Отецот разговаравме на тема, како тој се грижи за своето здравје, што најчесто јаде, дали вежба……..?

otec pimen 1.Mоже ли да ни кажете како го одржувате вашето здравје?

Отец Пимен: На почетокот на овој разговор би сакал да најавам дека не сум баш најсоодветнo избрана личност за еден ваков разговор, но сепак, ќе се обидам искрено да одговорам на вашите прашања, па белким некој ќе научи како човек не треба да се однесува кон своето здравје. Имено, поради моите чести патувања, ретко каде се задржувам повеќе од десетина дена на исто место. Тоа значи многу честа промена на леглото, климата, храната која не ја избирам сам. Поради сето тоа не можам да се пофалам со некое завидно здравје. Склон сум кон чести хронични настинки, болки во грбот од долгите седења во автомобил, авион, воз, автобус… Она за што би можело да се каже дека ми е добра навика во одржувањето на здравјето е тоа што еднаш до двапати годишно правам лекарски прегледи: крвна слика, ЕКГ, ехо, понекогаш и стрес-тест и, секако, редовно земање на терапијата за покачен крвен притисок.

2. Што најчесто се храните и кое ви е омилено јадење?

Отец Пимен: Како што споменав и погоре, ретко сум во ситуација да избирам со што ќе се хранам. Но, избегнувам брза храна, леб и слатки. Кога имам можност, конзумирам многу овошје, сезонски салати, во зимскиот период туршија, наместо свеж зеленчук. Придржувајќи се до правилата на постот, во текот на годината произлегува дека повеќе од половина година не јадам месо и млечни производи. Омиленото јадење зависи од периодот во годината, но генерално, омилена храна ми се киселите овошја.

3. На кој начин ја одржувате вашата линија?

Отец Пимен: Не би можел да се пофалам со некоја линија, па оттука и немам некој посебен начин за нејзино одржување. Тоа не е последица на невоздржание од храна, туку од физичка неактивност, која морам да признаам дека лично ми недостасува.

pimen1

4. Дали вежбате и што најчесто?

Отец Пимен: Последниве 2-3 години не сум вежбал ништо. Се обидувам да одржам кондиција со пешачење, имам можност за тоа. До пред неколку години, кога подолго се задржував во Малме, Шведска, каде што е моето епархиско седиште, практикував да одам на карате и да возам велосипед. Тоа многу ми помагаше и во одржување на линијата и во подобрувањето на здравствената состојба. Чувствувам дека тоа ми фали и се надевам на поспокојни денови во кои ќе можам повторно да се активирам со овие два спорта.

5. Сметате ли дека диетите придонесуваат за намалување на тежината или тоа го прави здравиот начин на живот?

Отец Пимен: Диетите нудат некое инстант решение кое за кратко време дава видливи резултати, но доколку после завршување на диетата не ги промениме старите навики на живот и не почнеме со здрав начин на живот, не само што ќе ги вратиме изгубените килограми, туку може да одиме и на полошо. Јас, лично, претпочитам здрав живот со редовно спортување за намалување на тежината.

6. Како би ги советувале младите генерации да се грижат за нивното здравје?

Отец Пимен: Често на шега знам да кажам: да знаев дека олку ќе живеам, на младост повеќе ќе си го чував здравјето. Затоа мој совет до младите е да внимаваат од млади години на здравиот начин на живот, да спортуваат, да внимаваат на својата исхрана, да ги избегнуваат оние лоши навики на јадење бурек во раните утрински часови, кога се враќаат од излегување.

7. Од што се состои еден ваш дневен оброк?

Отец Пимен: Имам лоша навика да го прескокнувам појадокот, кој според многумина е најважниот оброк во денот. Првиот оброк ретко се случува да биде пред 13 часот. Со оглед на честите и долги патувања тој може да биде и релативно доцна, околу 16-17 часот. Ретко е според мојот избор. Но, кога можам да избирам, тој е составен од салата, супа или зготвена течна храна. Десертот не е составен дел на мојот оброк. Се обидувам вечерата да ја прескокнам, но искрено, не секогаш одолевам на потребата за некоја лесна вечера.

Advertisement