Како ќе го живееш животот и како ќе се грижиш за сопственото здравје во младоста, така ќе те служи во староста

Билјана Дебарлиева е една од најпознатите телевизиски водителки, која повеќе од 15 години преку екраните ги подучува мајките како да се грижат за своите бебиња и граѓаните како да се грижат за своето здравје. Таа долги години ја водеше утринската емисија „Раноден“ и „Бебе магазин“ на А1 телевизија. На вести секогаш изгледа убаво. Во последниов период ве советува како да се грижите за своето здравје во емисијата „Визита“.  Со неа разговаравме на тема, како се грижи таа за своето здравје, што најчесто јаде, дали вежба….?

biljana debarlieva1 1 .Mоже ли да ни кажете како го одржувате вашето здравје?

Дебарлиева: Нема ништо поскапоцено, повредно и поважно од здравјето. Сите сме свесни за тоа, ама за жал малку правиме во таа насока или кога нешто ќе го загрози нашето здравје, тогаш сме подготвени се да направиме. Но, понекогаш може да биде и доцна. Откако со емисијата ВИЗИТА секојдневно ги слушам советите од лекарите и нивните препораки, станав свесна дека во голем дел и од нас зависи како ќе го одржуваме сопственото здравје. Тоа значи грижа и за мене и за моето семејство т.е. поквалитетен живот, менување на старите, понекогаш лоши навики и секако редовни превентивни прегледи. Тоа секако не значи лишување од сите задоволства, туку доволно е сето тоа да биде умерено.

2. Што најчесто се храните и кое ви е омилено јадење?

Дебарлиева: Дома кај нас се јаде многу овошје и зеленчук. Посебно тоа го практикува мојата ќерка Ана, а за среќа тие навики му ги пренесе и на син ми Мики. И двајцата јадат малку тестенини, многу малку благо и месо ако се мора. Среќна сум во тој поглед, зошто се повеќе има деца со прекумерна тежина, што понатаму во животот го зголемува ризикот за одредени здравствени проблеми. А, што се однесува до мене, јас сакам да си каснам и кифличка, и бурек и благо, ама тоа го правам умерено, одвреме – навреме. Инаку, буквално  сите дома ја обожаваме и редовно ја консумираме кинеската храна, која е многу вкусна, но пред се здрава.

3. На кој начин ја одржувате вашата линија?

Дебарлиева: Немам некоја посебна формула за одржување на линијата. Доколку почуствувам дека сум ставила грам или килограм повеќе од што треба, за брзо време почнувам нешто да менувам во исхраната, за да го намалам тој вишок. Секое утро го почнувам со чаша вода, по препорака на мојата матична лекарка, и секако доволно вода во текот на денот.

biljana debarlieva2

4. Дали вежбате и што најчесто?

Дебарлиева: Не можам да се пофалам дека сум многу посветена на вежбањето. Најчест изговор ми е дека немам време заради други обврски, ама со тоа само си се правдам пред себеси. За среќа во зградата немаме лифт, па качувањето по скали, некогаш и по три пати во текот на денот до четврти спрат е мојата секојдневна вежба. Физичката активност е многу важна и значајна за одржување на здравјето, а доказ за тоа се постојаните препораки и совети од докторите.

5. Сметате ли дека диетите придонесуваат за намалување на тежината или тоа го прави здравиот начин на живот?

Дебарлиева: Не сум поборник на никакви диети, зошто секогаш на крајот излегува дека губењето на 10-15 килограми за два до три месеци за брзо време ќе ви ги врати како бумеранг, а вие во тој период сте се измачиле гладувајќи. Можам да прифатам само здрав режим на исхрана, по препорака на доктор, што нема да значи гладување, туку почести, умерени оброци во текот на денот, здрави состојќи, многу течности и правилно комбинирање на продуктите. Да, мислам дека здравиот начин на исхрана е клучот за намалување на тежината.

biljana debarlieva3

6. Како би ги советувале младите генерации да се грижат за нивното здравје?

Дебарлиева: Би ги советувала да се хранат здраво, да бидат физички активни, да не ја менуваат ноќта со денот, зошто здравиот, квалитетен сон е значаен и за физичкото и за психичкото здравје. Нека уживаат во сите убавини што ги носи младоста, но да не забораваат дека во се треба да бидат умерени. Како се вели – како ќе го живееш животот и како ќе се грижиш за сопственото здравје во младоста, така ќе те служи во староста.

7. Од што се состои еден ваш дневен оброк?

Дебарлиева: Во една прилика , еден од докторите ме советуваше дека е многу важно да не се прескокнува појадокот, туку напротив тој да биде најобилен за да имаме доволно енергија, да го почнеме денот. Препораките се и да се јаде по малку неколку пати во текот на денот. Последниот оброк да биде не подоцна од 19 часот. Се разбира во текот на денот многу овошје и зеленчук и доволно вода. Тоа е формулата што секој од нас треба да ја практикува без оглед на возраста, зошто само така ќе се грижиме за сопственото здравје на најдобар начин.

 

 

Scroll To Top