Како да се заштитите од сексуално преносливите инфекции?

На оваа тема пишува Прим. Др. Мирослав Спасовски специјалист дерматовенеролог во Поликлиника НЕУРОМЕДИКА.

Сексуално преносливите инфекции се во експанзија. За тоа не можеме да ја обвиниме модернизацијата, но затоа можеме урбанизацијата. Зошто е тоа така? Затоа што луѓето во градовите имаат повеќе слободно време, односно повеќе време за дружење. Нормално, дека тоа дружење носи и повеќе сексуални контакти едни меѓу други и почесто менување на партнерите.

Еден од клучните проблеми за проширување на сексуално преносливите инфекции се во адолесцентниот период, познат како период на душевно созревање на младите, после пубертетскиот стадиум кога хормонално се случува ерупција. Факт е, дека во нашата средина недостасува соодветно сексуално воспитание и образование. Исто така, недостасуваат валидни и точни информации од луѓе кои што се компетентни тоа да го промовираат.

Секако, дека на интернет може да прочитате многу на оваа тема, но каде е вистината во овие куп информации?

Младите се постојано на интернет, читаат и се интересираат што е тоа кламидија, што е тоа гонореја, потоа ХПВ-инфекција, што е сида, сифилис… Меѓутоа, ние како медицинари треба добро да се замислиме како сите тие податоци да ги спакуваме во еден систем и да ги пренесеме на младата популација. Факт е, дека од година во година расте процентот на сексуално преносливите болести. Најчести причини за тоа се падот на квалитетот на животот, пад на имунитетот, при што се ослободува едно огромно поле на вирусите кои што стануваат доминантни како причинители на сексуално преносливите болести. Еве, најдоминантна од сите е кламидијата. Тоа е вирус , кој постојано се шири и тоа без симптоми, а последиците се гледаат подоцна кога се појавува стерилитет меѓу машката и женската популација. Тоа е вирусна инфекција што ги разорува репродуктивните канали и нема сперматогенеза, нема плод на јајцеводите и жената не може да остане плодна.

Можеме да потврдиме, дека се повеќе, човекот работи на своја штета и тоа им дава повеќе потенцијал на вирусите. Покрај кламидијата, Хуман Папилома Вирусот – ХПВ, исто така е во една експанзија, лесно се шири, а се манифестира со промена на кожата. Подоцна може да се продуцира во карцином на матката или на структурата на пенисот. Тоа се две најеклатантни вирусни инфекции, кои што во моментов се најактуелни.

ХПВ- вирусот може да се препознае. Се појавуваат брадавици, кондиломи…кои што се видливи и се добар индикатор дека ХПВ постои и се всадил во организмот. Инаку, овој вирус многу се менува, прилагодува и не може да остане непрепознаен. Освен на кожата, се јавуваат папиломи на дигестивниот систем, крварење…Значи кај овој вирус дали е брадавица, папилом или ние го викаме мало туморче, може да се види и да се реагира веднаш.

За да се заштитиме од сексуално преносливите болести мора да постои едукативен процес на таа тема, за да знаат младите како да се заштитат. Треба да им се укаже што е тоа кламидија, што е ХПВ, потоа како тие органели живеат во нашето тело, дека не треба адолесцентите прерано да влегуваат во сексуални односи. Исто така, мора да се внимава на хигиенските навики, да се инсистира на интимната хигиена. Во делот со образованието, треба да им се каже за употребата на кондоми, тие вештини треба слободно да се промовираат. Потоа, мора да се објасни дека најризични се оние нови партнери, практично во опасност се оние личности кои секогаш одат со нов партнер, не размислувајќи дека тие со себе носат инфекција и ја шират. Треба да се зборува на таа тема за да се подигне свеста.

За да се лекува кламидијата, таа првин мора да се детектира. Таа брзо се лекува со антибиотик, кој е доста ефикасен. Кај ХПВ вирусот лекувањето иде потешко, затоа што тој мутира. Тој е високоваријабилен, посебно кај женската популација и мора да се направи Пап тест, бидејќи таму е најризичната зона. А, за тие кондиломи, папиломи што се појавуваат има течен азот, се премачкуваат и тие паѓаат веднаш. Исто така, има и креми кои го подигаат имунолошкиот систем и таа крема го елиминира и чисти зафатеното ткиво.

Херпес гениталните инфекции се исто така вирус. Кај него се појавуваат  симптоми. На местото на инфекцијата настанува печење, болка, црвенило и од него истекуваат меурчиња како гроздови. Незгодната работа кај него е што после лекување со антивирусна терапија, може со пад на имунитетот повторно да се обнови. За негово лекување постои антивирусна терапија и локално се мачка.

Трихомонас вагиналис се паразитни инфекции. Тој паразит најчесто се појавува во вагиналната слузница и релативно е чест непријател на женската популација. Тој создава еден зеленикав исцедок со непријатен мирис на риба. Сепак, со вагиналети тоа брзо се смирува и добро е тоа што нема компликации.

Сифилисот е бактерија, најчесто пренослива во последниот век. На времето немало терапија за неа, немало доволно хигиенски услови. И затоа постоеле големи епидемии на сифилис. Таа бактерија е прилично разорна, ги напаѓа гениталиите, па влегува во циркулацијата и ги напаѓа сите внатрешни органи. Со воведувањето на антибиотската терапија, епидемијата е контролирана. Се смирува ситуацијата. Сега може да се забележи во оние земји каде социо-економскиот статус на земјата е лош и каде што нема услови за хигиена. Сега за сега, тоа е Африка и некои делови од Азија, каде што многу девојки работат како проститутки. Ги држат во мизерни услови, во разни хотели и кај нив најчесто се забележува појавата на оваа бактерија.

Најчести симптоми на сифилисот е раничка на гениталиите кај пенисот на мажите, а кај жената на усните. Тие ранички се тврди, но не се болни. При инфекција или кога пациентите ќе забележат ваква раничка мора да се јават кај дерматовенеролог, за да им се даде терапија. А, ако се пропушти тоа, може да влезе во циркулацијата и да се прошири во телото, срцето, јетрата. Ширењето се манифестира во вид на осип или сипаници по кожата, што докажува дека е во напредна фаза. Се лекува со ефикасни антибиотици.

Од овие сексуално преносливи болести најзасегнати се хомосексуалците, проститутките, наркоманите.

Прим. Д-р Мирослав Спасовски

Advertisement