kosten

Каде и да се завртите околу вас во овие зимски денови може да забележите човек со капче како врти нешто на скара, а убавиот мирис се шири на далеку. Можеби не ви треба да погодите дека се работи за костени, овошје што е карактеристично за зимските денови. Топлината од врелите костени и убавиот мирис помагаат полесно да се соочиме со студените денови во јануари. Тие можат да се јадат како  печени и варени, но и како пире од костени со ниско калоричен шлаг.

Тие се разликуваат од останатите јаткасти овошја по помалата содржина на масти, голема содржина на скроб, а  и единствени од сите јаткасти овошја кои содржат витамин Ц. За разлика од оревите, лешниците и бадемите, чија главна состојка е маслото, главна состојка на костенот е скробот, кој во сировите плодови го има во количина од околу 44 отсто.

Поради високата содржина на скроб, од костените може да се направи брашно кое, помешано со обично брашно од житарици, може да се користи за правење на различни видови леб и пецива. Брашното од костен, поради својата лесна сварливост, е погодно за исхраната на деца и постари лица. Поради големиот процент на скроб, протеини, витамини и минерални соли во својот состав, како и поради малата содржина на масти, костенот преставува вредна намирница.

Нутриционистите поради тоа го препорачуваат  во исхраната особено за време на диета. Костенот ги надоместува истрошените енергетски залихи во телото, овозможува сигурен внес на висококвалитетни минерали, дава сила и потребна цврстина на мускулите, го зајакнува имунитетот и делотворен е во борбата против анемијата.

Костенот е особено делотворен против анемијата, бидејќи е одличен извор на железо, а бидејќи лесно се вари им се препорачува на оние кои страдаат од гастроинтестинални заболувања. Постојат различни размислувања за тоа дали се подобри печени или варени костени, сепак ние ќе оставиме вие самиите да одлучите што е поздраво и подобро за вашиот организам.

Сподели