Калта е богата со минерали и ензими. Овој вид на терапија се користел за нега на кожата во речиси секој дел од светот од многу одамна. Уште се нарекува и „фанго“, што на италијански значи кал. Египќаните ги лекувале кожните болести со калта од крајбрежјето на реката Нил, Хипократ го препорачувал за многу видови на болести, а Римјаните го користеле за козметички цели.

Обично се нанесува на телото топла, а ја ублажува болката во зглобовите и мускулите, ја стимулира циркулацијата и ја чисти кожата. Додека се суши, калта ја извлекува нечистотијата од порите и ја остава кожата мека и освежена. Сепак, не е секоја кал добра.

Постојат многу видови медицинска кал, а најпопуларна е онаа од Мртвото Море. Освен витамин Е, таа содржи морска сол и алги, кои позитивно делуваат на влажноста на кожата, има сулфур, катран и магнезиум. Најчесто се користи за лекување на кожни болести, како псоријаза или за лекување на акни.

Вулканска кал може да се пронајде насекаде каде што имало ерупција на вулкан. Настанува со фрагментација на вулкански карпи, кои потоа се мешаат со термална вода или парафин. Содржи алуминиум, глина, магнезиум, алги.

Силиконската кал од Исланд е бела кал која се употребува за лекување на псоријаза и атопичен дерматитис. Таа ја детоксифицира и чисти кожата, но исто така, содржи биоактивни молекули од микро-алги, кои имаат лековити својства.

Барската кал обично е темна и ја има во многу европски земји, а лековитите својства зависат од земјата на потеклото. Обично се користи како маска за тело.

Медицинската кал го зајакнува имунитетот, ја поттикнува циркулацијата и мобилноста и ги излачува штетните токсини акумулирани во телото. Лекува ревматизам, заболувања на ‘рбетот и зглобовите, ја намалува мускулната тензија и болка. Се користи и ладна, но почесто топла кал за терапија. Се нанесува во еден слој од неколку сантиметри директно на кожата, каде што останува да делува помеѓу 20 и 40 минути. За да се зголеми ефектот, телото дополнително се обвиткува со проѕирна пластична фолија или волнена прекривка. По терапијата калта се отстранува со топла вода. Облогите од кал можат да се користат за целото тело или за поединечни делови, а се користат и бањи од кал. Често се користи помешана со екстракти од билки и етерични масла, на пример арника, камилица, лаванда и рузмарин.

Оваа терапија не се препорачува на лица кои страдаат од акутни болести придружени со висока температура, лица заболени од туберкулоза, пациенти со тешки срцеви заболувања и лица со висок крвен притисок.

loading...
Сподели