Двегодишно дете голтнало мало парче од играчка, четиригодишно дете ја ставило во уста шарената таблета, која ја нашло на земја додека си играло, мајка ја нашла својата тригодишна ќерка како пие од сјајот за миење садови. Ова се само дел од примерите, кои станаа секојдневие на родителите и на децата од  една до пет години, кога нивната љубопитност и желба за истражување на околината е најголема.

deca 15

Малите и ситни играчки, лековите, средствата за чистење, козметиката, отровните билки и другите продукти како пестициди, хербициди, освежувачите на уста и есенцјалните масла се само дел од „забавните игри“ на децата уште од мали нозе, кои понекогаш можат да бидат фатални за нивното здравје. Тие учат за новите работи, со тоа што си играат со нив, се обидуваат да отвораат кутии, за да проверат што има внатре, ги истражуваат просториите каде што седат, многу често таблетите кои ќе ги најдат им изгледаат како шарени бонбончиња и директно ги ставаат во уста.

Дел од лекарите велат дека децата често можат да бидат затруени и со давање на погрешен лек или погрешна доза од лекот, кој го прима.

– Акциденталното труење е честа појава особено кај малите деца помеѓу една и три години. Во повеќето случаеви, детето доаѓа во контакт со отровот без да знае дека тоа е штетно, затоа родителите треба да го направат домот да биде безбеден за нивните деца. Ако мислите дека вашето дете било во контакт со отров, ставило во уста или голтнало нешто што не треба,  не чекајте да се појават симптомите, веднаш повикајте брза помош – велат педијатрите.

Според нив, отровот може да биде голтнат, да биде впиен преку кожата, инхалиран или прснат во насока на окото. Најмногу од труењата настануваат во домот, но често се случуваат и кога семејството е некаде на гости. Родителите понекогаш ги потценуваат истражувачките способности на своите деца.

Се случува на годишно ниво да има околу 200 случаи на затруени деца поради пиење на лекови, пестициди или средства за чистење во домаќинствата. Според лекарите, кај некои од нив, настануваат тешки последици со долготрајно лекување.