Денеска е Василица – за многу години!

Поради совпаѓањето со празникот на Свети Василиј овој празник во народот најчесто е познат како Василица

На 1 јануари според стариот, 14 јануари според новиот календар, христијанските верници празнуваат три празници: Обрезание Господово, Свети Василиј Велики и Православна Нова Година.

По Божиќ, православните христијани на 14 јануари, го одбележуваат денот на Свети Василиј Велики во народот познат и како Василица односно Стара нова година. Според обичаите на тој ден некои во некои семејства се прави домашна погача во која домаќинките ставаат паричка, пеењето на василичарските песни во кој треба да биде опфатен тропарот на свети Василиј Велики, а некаде се практикува и палењето на огнот кои треба да ја симболизира светлината Божја во новата година.

Денеска се слави и свети Василиј Велики, кој се упокоил на овој ден. Тој е еден од тројцата најголеми црковни учители од четвртиот век. Родум бил од Кападокија, завршил школа во Атина. Бил голем христијански философ, а се прославил и како епископ и заштитник на чистотата на православното учење. Се упокоил во 379 година.

Осмиот ден после раѓањето, Христос бил однесен во храмот и обрезан. Во Стариот завет со тоа се запечатувала припадноста на народот наследник на Божјите ветувања. Об¬резанието инаку е праслика на тајната на крштението и како такво има значење и во новозаветната Црква. Овој празник се празнувал уште во првите векови на христијанството.

Поради совпаѓањето со празникот на Свети Василиј овој празник во народот најчесто е познат како Василица, а тоа најповеќе асоцира на обичаите и верувањата поврзани со Новата Година. Василица се паѓа во периодот на т.н. Некрстени денови, период што трае од Божик до Водици, кога според легендата Исус не бил крстен и ѓаволите се мачеле да го излажат да не се крсти и да не се исполни волјата божја.

Василица е голем и тежок празник, именден и куќна слава на многу македонски семејства.

На Василица се крши леб или пита со паричка, која се верува дека носи среќа и бериќет.

Важно е ако ви се падне паричката каде ќе ја чувате. Секогаш парчето леб кое било наменето за вас треба да го изедете, а ако ви се падне паричката треба да постапите вака.

Никако паричката не треба да се фрли или заборави, туку да се стави до икона и да се чува до наредната година. Иако многумина ја чуваат во паричник или некој предмет, таа треба да стои до икона.

Advertisement