Дали знаете зошто ја китиме Новогодишната елка и која е нејзината симболика?

Декорирањето новогодишна елка е традиција која се негува сé до денес, нé води низ празничната магија и не познава години. Од најмалите генерации па сé до најстарите, сите се радуваат на моментот на китењето на елката и на Божиќните празници. Дали всушност знаете зошто ја китиме елката?

Историја на новогодишната елка

Традицијата на китење на новогодишна елка датира од 17-от век и започнува со свеќи како украси, за разлика од денешните традиционални украси кои вклучуваат венец, златно-црвени лампиони и бомбони. Оваа традиција, за првпат се појавува во Германија, кога Христијанските верници започнуваат да внесуваат накитени дрва во своите домови, за да го одбележат Божиќ.

Се смета дека Германскиот протестантски реформатор Мартин Лутер е првиот човек кој го украсува зимзеленото дрво со свеќи. Тој ги поставува тие свеќи за да ги едуцира неговите деца и да им објасни кое е значењето на една новогодишна елка во целост, притоа добивајќи и инспирација од блескавиот сјај на ѕвездите и таа глетка ја пресликува во неговиот дом. Овој чин доведува до понатамошно китење на зимзелените дрва и преминува во обичај во повеќе земји.

Симболика на новогодишната елка

Дали знаете дека секое парче декорација на дрвото, почнувајќи од коренот до самиот врв, има своја посебна симболика? Таа е почитувана од страна на Христијанскиот народ и сеуште се негува, но многумина не ја знаат причината за тоа.

Подароците како дел од украсувањето

Кога велам коренот, всушност мислам на подароците што се наоѓаат под самата елка. Многу луѓе веруваат дека размената на подароци за Божиќ е само желба или е присвоена од туѓите обичаи и навики како што е примерот со празникот Св. Валентин, незнаејќи дека тоа е обичај што е општоприфатен од страна на Христијаните уште во 17-от век.

Главната причина поради која ги ставаме подароците под елката и ги разменуваме е симбол на раѓањето на Исус Христос, затоа што неговото раѓање е дар од Бог. Тоа е најголемиот подарок што Бог ни го дал нас на земјата.

На почетокот, на малите деца кои биле послушни им било подарувано свежо овошје, најчесто портокал. Тоа било единственото овошје кое детето го добива за новогодишен подарок во текот на целата година, и затоа се сметало за свето.

Горенаведеното го објаснува фактот зошто до ден денес за некои луѓе подароците се дефиниција за празниците. Тие обрнуваат големо внимание и трошат време на квалитетно избран подарок за нивните најблиски.

Зошто баш елка?

Нејзините зимзелени листови кои претставуваат симбол на вечната природа и нејзината форма на пирамида се двете нешта што ја прават елката поуникатна од останатите дрвја. Со доаѓањето на зимата и намалувањето на денот, умираат и растенијата, сé станува тивко и сé изумира, но не и елката. Без разлика на годишното време, таа останува неизменета, за разлика од другите дрвја кои ја губат својата убавина. Ова го симболизира воскреснувањето на Исус.

Украси

Дојдовме до најзабавниот дел на кој се радуваат најмладите. Најпрвин, се појавува во далечниот 17-ти век, во Германија каде што започнува и ритуалот на китење на елката со најразлична храна.

Тука најчесто станува збор зa:

  • Овошје
  • Слатки
  • Oреви
  • Сушени плодови

Ваквата новогодишна елка накитена со овошје е уште наречена “рајско дрво”. Јаболкото претставува забрането овошје (според гревот на Ева), а обландата претставува спасение.

По произведувањето на вештачката елка, се користат замени за горенаведените “украси’’, и тоа, разнобојни пластични и округли лампиони во замена на јаболката, електрични светилки во замена на свеќите и секакви форми на прекрасни ангелчиња. За разлика од јаболкото кое се смета за забрането овошје, остатокот од таа свежа храна која се користела за китење, се смета за свето.

Сијалички

Како што веќе напоменав, луѓето почнале да ја осветлуваат својата новогодишна елка уште во доцниот 17-ти век. Мартин Лутер, го осветлил неговиот дом со декорирање на елката со свеќи. Тоа светло, со текот на годините и со развивање на технологијата се заменува со модерни електрични сијалички. Денес сијаличките ги има во разни бои, но оригиналната боја која го претставува Исусовото светло е белата. Светлото е симбол за самиот Исус, кој вели дека самиот тој е “Светлото на Земјата”. Тој нам ни го осветлува патот и ги научи луѓето да си го осветлуваат патот едни со други.

Врвот на елката

Врвот на една новогодишна елка се смета за главен на ангелите и се крунисува со ѕвезда или ангел. Според Руската бајка, над пештерата во која е роден Исус растеле три дрва: бор, кедар и елка кои биле осветлени од небото. Тогаш кедарот ги затресол гранките од кои паднале миризливи иглички и се раширил прекрасен мирис, а во тој момент и борот ги испуштил своите шишарки.

Елката немала ниту иглички, ниту пак шишарки и затоа почнала да плаче. Нејзините солзи ги видела ѕвездата и се сожалила, бидејќи елката имала голема желба и таа да го дарува Исус, ѕвездата не можела да дозволи таа да биде тажна ноќта, па така се спуштила една малечка ѕвездичка на нејзиниот врв.

Во тој момент од елката блеснала ѕвездена светлина и поклонувајќи се до земјата ја спуштила ѕвездата пред пештерата каде лежел Исус. Како знак и симбол на љубовта кон Исус, и денес на врвот на елката се става ѕвезда.

Погоре напоменав дека на врвот на елката може да стои и ангел, а симболиката произлегува од приказната за неколкуте ангели што ги сретнуваме во Библијата.

Габриел, кој и јавил на Марија дека ќе стане мајка, исто така и
Ангелот кој го посетил Јосиф во сонот и му кажал дека ќе стане Исусовиот татко на Земјата.

Потоа се појавиле и ангели на небото над Ерусалим да го соопштат и прослават раѓањето на Исус. Симбол за појавувањето на ангелите на небото односно горе високо, е поставувањето на ангелот на врвот на елката.

Кога се кити Новогодишната Елка?

Китењето и собирањето на елката е одредено со датум, иако луѓето скоро никогаш не ги почитуваат овие датуми.

Гледано од страна на Новиот завет:

  • Елката не треба да се украсува сé до Бадник (24-ти декември),
  • Треба да се собере на Водици (13-ти јануари).

Зошто овој обичај е строго почитуван од нашите предци и негувачи на Христијанската традиција? Поради тоа што се смета дека раното китење елка, пред и после одредените датуми, носи несреќа. Во текот на годините, оваа традиција се изменува во целост.

Многу семејства во САД ја поставуваат елката веднаш по америчкиот празник “Ден на благодарноста” (четвртиот четврток од ноември), додека пак празничните декорации се јавуваат порано во продавниците, поточно од “Ноќта на вештерките” (31-ви октомври).

Единствено германскиот народ се придржува до обичаите и ја поставува елката на 24-ти декември а ја собира на 7-ми јануари. Италија и Аргентина почнуваат со декорација на 8-ми декември а ја собираат на 6-ти јануари. Од друга страна, Австралијанците започнуваат со божиќните церемонии и декорирање на 1-ви декември, што е многу порано од другите земји.

Новогодишна Елка Во Македонија

Китењето на елката значително се менувало со текот на годините. Тоа го покажува и самата историја на елката во Македонија.

Историја на китење новогодишна елка во Македонија

Иако започнува подоцна, историјата на македонската елка е можеби и поинтересна од другите. Во Македонија, почетокот на украсувањето на елката како одбележување и славење на празниците, датира од средината на 20-от век.

Нашите предци, посебно оние кои живееле на планинските предели, ја започнуваат традицијата на китење зимзелена елка. Тоа го правеле со памук. Го разделувале памукот на неколку парченца и тие парченца ги ставале на елката како синоним за снег. Врвот го украсувале со црвена панделка, направена од текстил.

Подоцна, во доцните 1970-ти, во времето на Југославија, зимзелените новогодишни елки почнуваат да се украсуваат со бомбони, завиткани во златна или сребрена хартија. Две или три години подоцна, се започнува и со подарување новогодишни пакетчиња на малите деца. Тие пакетчиња биле полни со слатки и бомбони. Овој ритуал, како што знаете, продолжува до ден денес.

Кога се кити елката?

Китењето на елката порано од одредениот датум е веќе вообичаена практика во нашата земја.

Тука, обично се кити во средината на месецот, некои украсуваат на 15-ти Декември, а некои пак на 19-ти демекври, после празникот Св. Никола.

Елката тука се собира по Стара Нова Година (14-ти јануари), најчесто поради желба за украсување на домот или по барање и желба на најмалите членови од семејството.

Како се кити денес?

Со појавата на вештачките елки, се појавија и еден тон украси. Лампионите ги има во секакви форми и бои. Луѓето најчесто украсуваат со црвена и златна боја. Се ставаат црвени и златни лампиони, заедно во комбинација со светкави, златни или црвени украсни ленти. Покрај тоа, се ставаат и сијалички. Некои преферираат златна боја на сијаличките, додека пак останатите ги ставаат во разни бои.

Мал дел од луѓето во денешно време, домовите ги украсуваат бели вештачки елки, чисто заради тоа што ја преферираат повеќе белата боја или едноставно им се вклопува со боите во домашниот ентериер. Во склоп со боите, ставаат и лампиони.

Новогодишната Елка Во Очите На Другите Земји И Обичаи

Како ритуал, за прв пат се појавува во Германија, а потоа и во другите европски земји, како Шведска, Данска и Норвешка. Во Америка китењето елка станува традиција дури во 20-от век. Секоја земја си има своја култура што ја прави различна од другите култури, така, си има и свој обичај на украсување на елката што ја прави сама по себе специфична и интересна.

Грција – се користат стандардни декорации на елката, како божиќни сијалички и домашно изработени украси. Најчесто, се придржуваат до нивната оригинална традиција која вклучува изработка на мали бродчиња во замена за лампиони.

Италија – ист начин на украсување на елката, практикуваат и во Италија, но таму повеќе се задржуваат на украсувањето на куќата во целост.

Шведска – Шведските куќи и елки се украсуваат со снегулки и ѕвездички направени од цевки и наједноставни дизајни. И таму го практикуваат начинот на рачноизработени украси за елката што им дозволува на децата да се вклучат и да научат повеќе за потеклото и историјата на елката и нејзиното декорирање. Друго што е специфично за декорирањето во Шведска е правењето на дрвени животни кои ги симболизираат овчичките од местото каде што е роден Исус.

Украина – За разлика од горенаведените примери, што е и помалку комично, во Украина користат украси во форма на пајаци и на пајажина во замена на сребрените ленти. За почетокот на оваа традиција зборува приказната за сиромашната бабичка која немала пари да си купи вистински божиќни лампиони за да си ја накити својата новогодишна елка. Едно утро, кога таа се разбудила, целата елка била преплетена со убава, сјајна пајажина што по малку наликувало на елка покриена сета со свила.

Кина – Мал број од народот во Кина го слави Божиќ и кити елка. Оваа елка не е стандардна како кај другите земји, туку Кинезите користат големи фенери во кои ставаат свеќи и ги распоредуваат во форма на елка.

Заклучок

Знаејќи ја симболиката врзана со новогодишната елка, секој би посакал да се врати назад во времето. Покрај тоа што е ритуал, да китиш елка е воедно и забавно. Во кој век или земја би сакал/а да живееш и да китиш елка?

Advertisement