За да не ги спречува менструалниот циклус во летниот одмор, патувањето и капењето, жените во овој период од годината често имаат потреба да го одложат циклусот за една до две недели.

Начините на кои тоа одложување се постигнува, пред сѐ, зависат од тоа дали жената пие контрацептивни таблети.

Како се користат таблетите за одложување на циклусот?

Доколку пиете антибеби таблети, тогаш за одложување на циклусот е доволно по трошењето на една месечна доза да не се прави пауза, туку веднаш да се продолжи со следното пакување. Тоа значи дека, ако обично пиете таблети 21 ден, а потоа правите пауза од седум дена, кога ќе посакате да го одложите циклусот, пауза не треба да правите.

Доколку, пак, таблети пиете 24 дена, а во следните четири земате само плацебо таблети, плацебото треба да го прескокнете и да продолжите со нова кутија контрацептивни таблети.

Гинеколозите наведуваат дека за повеќето жени ваквото продолжено пиење таблети е сосема безбедно и не остава никакви последици на организмот.
Таквиот вид одложување на менструалниот циклус е комфорен и не го нарушува циклусот во позначајна мерка, па затоа се препорaчува на здрави девојки и жени.

Меѓутоа, жените коишто страдаат од хронични болести не би требало на своја рака да го менуваат режимот на употреба на контрацептивните таблети, туку задолжително да се консултираат со својот гинеколог. Истото важи и за жените кои инаку пијат контрацептивни таблети, а сакаат да го одложат циклусот.
Лекарот, во зависност од нивната возраст, здравствената состојба, редовноста на циклусот и обемот на крвавењето, ќе им препорача кој хормонски препарат е најдобар за нив.

Гинеколозите објаснуваат дека во такви ситуации се препорачуваат хормонски препарати врз база на прогестерон, кој почнува да се пие два до три дена пред да добиете менструација. Таблетата се пие онолку дена за колку што сакате да го одложите циклусот, но не подолго од две недели. Од три до пет дена откако ќе се испие последната таблета треба да го очекувате воспоставувањето на циклусот.
Иако овие таблети се купуваат без рецепт, не треба да ги купувате и да ги пиете на своја рака, туку само откако ќе се консултирате со својот гинеколог.

Колку често таблетите смеат да се пијат?

Кога станува збор за тоа колку често циклусот смее да се одложува со помош на антибеби таблети или со посебни таблети за таа цел, тоа врз основа на општото и гинеколошкото здравје на жените го одредува лекарот, но, во секој случај не треба да претерувате. Еднаш до двапати годишно се смета за дозволено.

Според лекарите, посебна претпазливост е неопходна во случај во истиот циклус да користите и таблета за итна контрацепција и таблета за одложување на циклусот. Од таблетите за одложување на циклусот, во тој случај, смеат да се користат само прогестеронски препарати, иако најдобро би било и тие да се избегнуваат, бидејќи на тој начин во организмот се внесува премногу прогестерон.

Таблетите за поместување на менструалниот циклус содржат норетистерон , кој е, всушност, синтетички облик на прогестеронот – женскиот полов хормон. Вишокот прогестерон во телото влијае на одложувањето на овулацијата и поради тоа не доаѓа до менструација. Со оглед на ова негово својство, прогестеронот се користи во разни облици на таблетите за контрацепција, како што е, на пример, и таблетата за ден потоа.

Advertisement