42-34847767Пролетниот замор, популарно наречен пролетна депресија, почнува да се јавува пред крајот на зимата и трае цела пролет. Таа уште се нарекува и болест на модерното живеење, затоа што луѓето се помалку се движат и се понездраво се хранат. Пролетната депресија се јавува како резултат на наглите промени на надворешната температура, атмосферскиот притисок и влажноста на воздухот, потоа промената во хормонскиот систем кај човекот, односно дневно – ноќниот ритам на излачување  на хормоните на хипофизата, како и намалената физичка активност во текот на зимата.

Пролетната депресија се јавува секоја сезона во исто време, а нејзини најчести „жртви“ се жените. Околу 90 отсто, отпаѓаат на жените меѓу 30 и 40 години, а поретко на мажите. Посебно чувствителна категорија се метеоропатите и хронично болните пациенти со  срцеви, ревматски, хронични белодробни и дегенеративни болести на коскено – зглобниот систем, како и болните со алергии кои најчесто се јавуваат на пролет. Сепак, според лекарите, симптомите на пролетен замор се многу чести и кај здравите луѓе.

– Кај нив може да се јават  покачен крвен притисок, отежнато дишење, болки во мускулите и зглобовите, кои дополнително ја намалуваат функционалната способност на личноста. А, многу зачестени пациенти се и здравите, кои поради наглите промени на температурите се соочуваат со овие симптоми – објаснуваат општите лекари.

Честото проѕевање, заморот, исцрпеноста, тивките болки во мускулите, недостигот од концентрација и сонливоста во текот на денот, благата депресија, млаките вртоглавици и главоболките се симптомите, што ги мачат граѓаните во овој период од годината.

Заморот напролет се јавува поради сезонската варијација на хормоните и е поизразен кај жените. Голема улога игра и хормонот мелатонин, кој е одговорен за регулирање на деноноќниот ритам на луѓето. Овој хормон му дава мир на организмот и го потикнува спиењето. Кога има долги ноќи во зима, објаснуваат лекарите, во телото се создава повеќе мелатонин. Кога напролет, ноќите се кратат, па порано се будиме, големото количество на мелатонин му пречи на природниот биоритам.

Сподели