7 постапки на мажите поради кои се нервираат жените

Секој маж е приказна за себе и поседува специфичен микс од постапки и навики. Една група од машките постапки се мили, романтични и предизвикуваат жената да се чувствува како кралица, но друга група вклучува иритирачки и неподносливи постапки, кои понекогаш делуваат потценувачки за жените.

Мажите и жените секогаш се жалат за некои од постапките на спротивниот пол
Женската листа на иритирачки машки постапки е доста долга, но еве дел од често споменуваните „навики“ на мажите кои редовно поттикнуваат раст на тензијата и нервозни женски воздишки:

1.Секогаш прашуваат каде им се личните предмети.

Мажите пречесто забораваат каде ги ставиле клучевите, документите, паричникот и сл., па ѝ се обраќаат за помош на својата сакана. „Каде ми е/се…?“ доминира во нивните разговори пред излегување. Но, вистинското прашање е дали навистина забораваат или воопшто не се ни трудат да запомнат каде ги оставаат работите бидејќи знаат дека има кој да мисли наместо нив.

2.Им се мешаат на жените во возењето.

„Премногу си блиску до автомобилот пред тебе“, „Лошо го држиш воланот“, „Кочи, кочи кочи…“, „Не кочи толку нагло“, „За малку ќе ја погодеше дупката“… мажите им се вечни инструктори на жените и секогаш имаат нешто „поучно“ да дофрлат. А на крајот од возењето, не е реткост да слушнете и „Ех, жени, не можеш ни да очекуваш да возат како маж“. Можеби мажите треба да се помират со фактот дека во денешно време има многу жени кои одлично управуваат со автомобил и да престанат да глумат дека тие самите се безгрешни возачи. Сакале или не, на нашите патишта е невозможно да се избегнат сите дупки.

3.Одбиваат да се расправаат за „ситници“.

Мажите не ги сфаќаат малите недоразбирања и проблеми толку сериозно како жените. Тие не навлегуваат во детали и не анализираат премногу, па често од нив може да слушнете „Да не се караме за ситници/глупости“. Но, „ситниците“ се важни за жените. Кога веќе започнале разговор за нив, значи дека им е важно, па машката рамнодушност и несериозност им ја накострешува косата.

4.Кога се болни, се однесуваат како да е крај на светот.

Сте слушнале ли за фразата „машки грип“? Таа се користи да се опише идејата дека мажите кога имаат обична настинка ги преувеличуваат симптомите и тврдат дека имаат грип. Кога жените се болни, пијат соодветно апче и легнуваат да одморат, без да бараат некој да биде нивен дежурен доктор. За разлика од нив, болните мажи наликуваат на бебиња. Ним им е неопходна постојана нега и се разбира, им треба некој што ќе им носи сè што ќе побараат. Тие се секогаш премногу болни и не можат да станат од кревет, дури и ако имаат температура од само 37° и обична главоболка. Жените сакаат да се грижат за своите партнери и да ги негуваат, но кога станува збор за очигледно преувеличување им доаѓа да ги превртат очите поради нивното жалење и да им речат „Биди маж!“.

5.Ја идеализираат својата мајка.

Жените ги сакаат мажите кои ја почитуваат својата мајка, но не и ако ја идеализираат, одејќи во крајност. Најиритирачко за жените е кога нивниот партнер ги споредува со неговата мајка, а мајката е таа која ги добива сите убави епитети. „Мајка ми прави повкусно тавче-гравче“, „На мајка ми слатките се прсти да излижеш“…

6.Го коментираат телевизискиот избор на жените со презир.

„Аман, пак со твојата серија, не гледај глупости“, „Овие реалните шоуа се катастрофа, најди нешто поумно за гледање“, „Пак ли романтична комедија? Сите се за во иста канта“… Ако партнерката не им приговара кога гледаат фудбал, не треба ни тие да прават таа да чувствува вина што навлегла во одредена серија или што сака да се расположи и релаксира со лесна романтична комедија.

7.Редовно раскажуваат приказни за нивните омилени спортски клубови, а за играчите знаат повеќе отколку за себе.

Мажите обожаваат да го споделуваат (некогаш и по стопати) знаењето за омилените фудбалски или кошаркарски клубови и можат да ви дадат најразлични информации за формирањето на клубот, годините во кои освоил некое првенство, трансферите на играчите и сл. Тие уживаат кога раскажуваат за своите спортски ѕвезди и идоли, но тоа не им е особено интересно на жените (барем не на повеќето), исто како што на мажите им опаѓа интересот за разговор кога ќе се споменат зборови како шопинг и мода.

Advertisement